Кос: Продолжувањето на пристапниот процес е единствен начин за обезбедување мир и просперитет на Украина
- Членството на Украина во ЕУ сигурно ќе придонесе за безбедноста, просперитетот и сигурноста на Европа. Токму затоа членството во ЕУ игра клучна улога во она што се случува сега на мировните преговори, додаде Кос.
Брисел, 15 декември 2025 (МИА) – Добро е што темпото на мировните преговори за Украина се забрза и многу сум среќна што во нив клучна улога игра пристапниот процес, бидејќи секогаш кога станува збор за важни настани во историјата преку пристапувањето кон Унијата можевме да добиеме добар одговор и сигурна сум дека тоа ќе се случи и овој пат, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос пред почетокот на заседанието на Совет за надворешни работи на ЕУ во Брисел.
- Гледаме дека членството на Украина во ЕУ е политичко сидро на безбедносните гаранции. Тоа е важно за Украина, а исто така е важно и за Европската Унија. Единствениот начин да обезбедиме мир и просперитет во Украина е да продолжиме со пристапниот процес и токму тоа го правиме во моментов, рече Кос, додавајќи дека Европската комисија минатата недела добила важни насоки од земјите членки за да може да се разгледуваат кластерите 1, 2 и 6 на техничко ниво, а такво нешто очекува и за Молдавија.
Според Кос, преку процесот на пристапување Украина може да стане попросперитетна, постабилна и подемократска, што е важно не само за земјата, туку и за Европската Унија.
Еврокомесарката нагласи дека конфликтот меѓу Русија и Украина не започна со војната во 2022 година, туку кога Киев одлучи да тргне по европскиот пат со склучувањето на Договорот за слободна трговија со ЕУ, па затоа е многу важно што прашањето за членството е дел од мировните преговори на Украина и важно е да се обезбеди никој да не се спротивставува на приемот на земјата во Унијата.
- Членството на Украина во ЕУ сигурно ќе придонесе за безбедноста, просперитетот и сигурноста на Европа. Токму затоа членството во ЕУ игра клучна улога во она што се случува сега на мировните преговори, додаде Кос.
Според неа, независно од тоа кога ќе започнат преговорите за членство по кластери, Украина треба да продолжи со спроведување на реформите, како што го прави тоа и сега додека бомби паѓаат врз земјата.
- Истата енергија од влезот на мојата земја во ЕУ, денес ја чувствувам кога ги посетувам Украина или Молдавија. Постои таа посебна енергија таму, каде што луѓето, владите, парламентите и сите работат на пристапниот процес и тоа е она што ни треба, додаде Кос. сп/сд/
Фото: МИА Архива