Костова: Легитимни се барањата за поголеми плати, граѓаните едвај ги покриваат основните трошоци
- СООПШТЕНИЕ - Во ваква сериозна и траорна економска ситуација граѓаните мораа да добијат повисоки плати и барањата на синдикатите за повисока плата и тоа како се легитимни. СДСМ кога беше на власт покажа како преку реални механизми може да се стигне до поголеми плати, рече потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова.

Скопје, 4 април 2025
Во ваква сериозна и траорна економска ситуација граѓаните мораа да добијат повисоки плати и барањата на синдикатите за повисока плата и тоа како се легитимни. СДСМ кога беше на власт покажа како преку реални механизми може да се стигне до поголеми плати, рече потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова на гостувањето во емисијата „Дејли клик“ на ТВ 21.
- Имајќи предвид дека синдикалната кошничка е над илјада евра, и само во споредба со лани во февруари, е зголемена за над 100 евра, тоа значи дека две минимални плати не можат да покријат во моментов една основна синдикална кошничка која ги покрива најосновните трошоци на едно четиричлено семејство. Сега гледаме заговарање да се промени методологијата, тоа подолго го слушаме од експерти врзани со владејачката гарнитура, дека не било четиричлено, туку тричлено семејство. Понатаму велат да се отстрани сезонско овошје од синдикалната кошничка, не знам какво овошје ќе стават, ама граѓаните треба да имаат сезонско овошје во синдикалната кошничка. Од друга страна гледаме дека за нив овошјето не претставува проблем, дури и кога е егзотично, како манго и папаја, рече Костова.
Таа потенцираше дека прашањето за животниот стандард е особено важно, и дека СДСМ досега покажа дека може да се најдат мерки за подобар живот на граѓаните.
- Една од работите која требаше да се реализира е покачување на платите за 12%, ама тоа власта не го направи. Кога бевме на власт, и кога од опозицијата ни велеа платите ќе бидат повисоки кога ние ќе дојдеме на власт и кога ќе го прашаа Мицкоски, како, тој велеше, ќе видите. Ние не велиме ќе видите, туку имаме конкретни мерки за зголемување на минималната плата и мерки за подобрување на животниот стандард на граѓаните. За разлика од нас, власта не само што не ја зголеми минималната плата за 500 евра туку и дрско и арогантно одговара кога ќе им биде поставено прашањето на оваа тема, рече Костова.
Костова: Оставка од Тошковски од морални причини!
Кога ви се случува најголемата трагедија во државата од нејзиното осамостојување, до денес, факт е дека одговорен е оној кој стои на чело на институцијата, која била директно инволвирана за случувањето или можноста за спречувањето на трагедијата, и тоа е министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Кривична одговорност е нешто што ќе се утврдува. Но, овде постои морална одговорност, која Тошковски мора да ја понесе и да си даде оставка, рече потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова на гостувањето во емисијата „Дејли клик“ на ТВ 21.
- Место оставка, го имате министерот за внатрешни Тошковски, кои е на позиција преку која може да направи сериозни влијанија за тоа како ќе тече истрагата. Неговата оставка од морални причини е единствен правилен чин по ваква трагедија. Ако институциите преку неселективна истрага покажат дека кај него не ја лоцираат одговорноста, е едно, но со само негово задржување во фотелјата на министер за внатрешни работи, се остава простор за сомнеж во целата истрага, рече Костова.
Таа се осврна и на фактот дека во моментов сме сведоци на истрга во која не се даваат одговори на клучните прашања за директна одговорност на лица кој се дел од МВР и биле во моменти кога се случила трагедијата, но не се вклучени во истрагата.
- Дали командирите, инспекторите, раководството на МВР, БЈБ и во Кочани и Штип се ослободени и не се дел од истрагата иако во тој момент, во работниот опис стои дека се одговорни? Тие се само тргнати од своите функции, но не се во притвор. Станува збор за лица кој биле директно одговори заради функциите кои ги носеле таа вечер. Во јавноста се излегува со бројки колку биле притворени, но не ги опфаќаат луѓето кои се директно одговорни. Па нема поголем доказ за ова, од тоа дека МВР и бирото за јавна безбедност, и СВР Штип и ОВР Штип сосе функционерите во тој момент, не направиле план за процена на ризик, иако имале оперативни сознанија дека ќе случува таков настан. Не се превезени никави активности ниту за прекин на настанот, иако имало полицијата на самиот настан таа вечер ниту пак е подготвен целосен и безбедносен план, кој би ја спречил трагедијата, рече Костова.
Таа потенцираше дека нејасно е како може да не се истражуваат лица кој самата вечер биле одговорни. Како може сите вработени во МВР кој се моментално во притвор да не биле на функции на денот на пожарот.
- Исто така она што се избегнува да се одговори е дека МВР е директно одговорна за контролата на употреба и давање дозвола за употреба на пиротехнички средства во затворен простор. Тоа е прашање за кое не се зборува и не се дава одговор, а е впрочем единствената директна причина за пожарот, рече Костова на гостувањето во ТВ 21.
СДСМ - Центар за комуникации со јавноста
Фото: СДСМ
___________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки