• сабота, 21 декември 2024

Костадиновска Стојчевска: Предложената резолуција во Сенатот е резултат на пристапот на Македонците секаде во светот

Костадиновска Стојчевска: Предложената резолуција во Сенатот е резултат на пристапот на Македонците секаде во светот

Скопје, 1 август 2023 (МИА) - Предложена е резолуција во Сенатот да се слават македонскиот јазик, култура и историја. Министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска вели дека гордост е да се знае дека македонските јазик, култура и историја добиваат признанија и промоции насекаде низ светот.

-Предложената резолуција на републиканскиот сенатор Мајк Брон за септември да биде прогласен за месец на македонско-американското наследство е огромна чест и признание за придонесот на македонските Американци во развојот на мултикултурното општество на САД, напиша во објава на својот Фејсбук профил Костадиновска Стојчевска.

Според министерката, ова е резултат на пристапот на Македонците каде било во светот да учествуваат и бидат конструктивни градители на државите кои ги избрале за да го изградат својот дом.

-Македонските Американци ги прифатија слободите на американското општество и се интегрирани во сферите на уметноста, науката, бизнисот, политиката, медицината, спортот и на други полиња како резултат на можностите да се биде рамноправен дел и да се учествува во остварувањето на граѓанските и верските слободи, основните човекови права за да се даде сопствениот придонес во развојот на заедницата. Денес тоа е модел кој го избра и кон чие усовршување се стреми и нивната матична земја и татковина како општество во кое секој ја заслужува својата шанса, напиша министерката Костадиновска Стојчевска.фф/лв/

Фото. МИА Архива

 

Остани поврзан