• петок, 22 ноември 2024

Костадиновска-Стојчевска: „Пејзажно искуство“ е одговор на прашањето како преку уметноста светот да стане подобро место

Костадиновска-Стојчевска: „Пејзажно искуство“ е одговор на прашањето како преку уметноста светот да стане подобро место

Скопје, 31 март 2023 (МИА) – Уметникот кој не провоцира ќе остане невидлив, а уметноста која не поттикнува емоции нема никаква смисла. Верувам дека и во овие непредвидливи времиња, кога светот се соочува со војни, пандемии или други видови кризи, уметноста е таа што дава одговори на не многу пријатни прашања, што коментира, критикува, опоменува, порачува, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска вчера во Чифте амам на претставувањето на мултимедијалниот проект „Пејзажно искуство“, кој беше национален претставник на 59. Венециско биенале.

– Проектот „Пејзажно искуство“ е непосреден одговор од нашите етаблирани уметници Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска на постојаните промени во природата и општеството, што се печат на современото време. Тие бараат одговор на актуелните прашања за одговорноста на поединците кон планетата, кон другите луѓе и форми на живот, а овој проект е потврда дека уметноста и уметниците можат да ни укажат на проблемите и да ни помогнат да замислиме нови начини и нови бесконечни можности за светот да стане подобро место за живеење, истакна министерката за култура.

Таа нагласи дека Биеналето на уметноста во Венеција речиси 130 години е празник на културата.

- Оваа смотра на уметноста на едно место ги обединува современите уметници, поставувајќи прашања и барајќи одговори за нив, со уверување дека токму уметноста ја има моќта да го промени општеството кон подобро, да отвори нови видици и можности да се стигне до целта каде што светот ќе стане подобро место за живеење, нагласи Костадиновска-Стојчевска.

Таа изрази задоволство што Северна Македонија, преку своите уметници, архитекти, куратори, континуирано се претставува во Венеција, како на престижното Биенале на уметноста така и на Биеналето на архитектурата, и додаде дека за уметниците, тоа претставува неповторливо искуство, голем мотив, но и предизвик да дадат сè од себе за да се претстават на најдобар начин пред најпребирливата критичка јавност и пред многубројната публика.

Заблагодарувајќи им се на уметниците, на комесарот Дита Старова Ќерими од Националната галерија, како и на кураторките за успешното претставување на минатогодишното Биенале во Венеција, таа додаде дека проектот „Пејзажно искуство“, како и делата на досегашните наши претставници на светските изложби, ќе останат документ за вредностите на актуелната современа македонска сцена.

– Овие вредности и во иднина ќе продолжиме да ги негуваме и да ги споделуваме со целиот свет затоа што уметноста не е само она што го гледате туку е и она што сте го постигнале за другите да го видат, порача министерката за култура Костадиновска-Стојчевска. ир/аа/

 

Фото: Министерство за култура

Остани поврзан