• сабота, 23 ноември 2024

Костадиновска-Стојчевска од Прилеп:Триумфот на Битолскиот театар го потврдува високиот квалитет и континуитет на нашиот ансамбл

Костадиновска-Стојчевска од Прилеп:Триумфот на Битолскиот театар го потврдува високиот квалитет и континуитет на нашиот ансамбл

Скопје, 17 јуни 2023 (МИА) - Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, синоќа ја врачи наградата за претставата „Се викам Медеја“ (My Name is Medeja) на Народниот театар од Битола која е прогласена за најдобро уметничко остварување во целина на 57. Македонски театарски фестивал (МТФ) „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Вечерта беше во знакот на наградените, кои годинава ги добија признанијата од меѓународно жири, а за најдобра претстава со вкупно пет награди беше прогласена претставата на Народниот театар од Битола „My Name is Medeja“. 

-Честитки за мојот Битолски театар за победата на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, за триумфот со кој битолскиот ансамбл го потврдува високиот квалитет и континуитет во својата работа. Искрено им честитам на наградените, за најдобра режија на Себастијан Хорват, за најдобра главна женска улога на Илина Чоревска, за најдобра музика за Драго Ивануша и за најдобар рекламен материјал на Сашо Илковски, со што потврдија дека моја Битола била и останува еден од највлијателните театарски центри во земјава, изјави Костадиновска-Стојчевска.

Во вечерта посветена на годинешните лауреати, таа им ги честиташе наградите на сите кои годинава оставија белег во натпреварувачката селекција, меѓу кои е екипата на скопскиот Драмски театар  и на претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“, која исто така освои пет награди, меѓу кои и за главна машка улога за Дамјан Цветановски и за најдобра женска епизода за Емилија Мицевска.

Министерката ги поздрави и не помалку вредните остварувањата кои ги препозна меѓународното жири и за Турскиот театар за претставата „Човек перница“, како и за наградите што ги добија Прилепскиот театар за „Мистерија Буфо“, и на Театарот за деца и младинци, за „Роња, ќерката на ограбувачот“.

Наградата за современа сценска драматизација ја доби Лидија Митоска-Ѓоргиевска за „Мистерија Буфо“.

Наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ ја доби Хакан Даци за улогата на Катуриан во претставата „Човек перница“ во изведба на Турскиот театар од Скопје, копродукција со „Машина продакшн“ и „Пик продукција“. За истата претстава, за улогата на Микаил, актерот Дин Ибрахим ја доби наградата за најдобра машка епизодна улога. Наградата за млада актерка ја доби Матеа Јанковска за Роња во „Роња, ќерката на ограбувачот“ на Театар за деца и младинци од Скопје.

Со свечена вечер со наградените на финалето на „Черондрински“ и со изведбата на „Последниот балкански вампир“ на Дејан Дуковски и Александар Поповски, на Српското народно позориште од Нови Сад, се спушти завесата на годинашниот МТФ „Војдан Чернодрински“, со најава за нова свежина и афирмација на македонската драма в година.вј/

Фото: Министерство за култура

Остани поврзан