• недела, 22 декември 2024

Костадиновска-Стојчевска: Културната соработка со Бугарија е на многу добро ниво

Костадиновска-Стојчевска: Културната соработка со Бугарија е на многу добро ниво

Скопје, 16 февруари 2023 (МИА) – Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска оцени дека културната соработка со Бугарија е на многу добро ниво. Таа вели дека поради одредени случувања од изминатиот период имало мал застој во културната сфера, но изрази уверување дека тоа не влијаело на ентузијазмот за бугарско-македонска соработка на културно поле.

-Токму во одредени периоди заради одредени случувања имаше некаков помал застој, но тоа воопшто не влијаеше на ентузијазмот од ниту една страна за тоа дали ќе се соработува, посочи Костадиновска-Стојчевска.

Министерката вечерва во гостување на ТВ Сител посочи одредени случувања од културната област како позитивен пример за правецот во кој се движи културната соработка помеѓу двете земји.

-Сега последно Македонската опера и балет беше гостин во Пловдив, со претставата Госпоѓиците од Авињон имаа феноменален настап, публиката беше презадоволна и исто така во овој момент Архивскиот музеј на Република Северна Макеоднија има добра соработка со Музејот во Бугарија. Културната соработка е на многу добро ниво, оцени министерката.

Информира дека иницијативата за отворањето канцеларија на  постоечкиот Македонски културен центар во Бугарија била предадена во Министерството за надворешни работи и веќе се одвивала постапката помеѓу двете министерства. Костадиновска-Стојчевска очекува, како што рече, позитивен резултат.

За последните случувања со македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, кому му беше одбиена регистрацијата рече дека клубот фигурирал како здружение на граѓани, а министерството имало надлежност да реагира само за државни институции со кои соработува.

Во однос на реакциите за определената сума за одржување на традиционалниот Макфест на конкурсите за финансирање проекти од национале интерес што ги објавува Министерството за култура рече дека за таква сериозна манифестација требало да има посериозен пристап при аплицирањето.

-Кога на една таква сриозна манифестација како раководно лице пристапувате со апликација во која стои дека она што беше искажано како став на комисија дека опаѓа квалитетот на тој фестивал, по она што го пишува во апликацијата дека тој материјал ќе се одржи на матрица дека имаат потреба само од хонорари и од некакви спореди трошоци јас верувам дека тоа е причината поради која  оценила дека ќе ја добијат оваа сум, верувам дека тоа е. Што значи дека требало многу студиозно да се пристапи на Макфест како што се пристапувало во 2017, 2018 година, посочи министерката.

Според неа, треба да се преиспитаат и критериумите за оценување проекти, во однос на тоа што е од јавен и национален интерес при нивното финансирање преку јавни конкурси.свс/лв/

Остани поврзан