Костадиновска-Стојчевска изврши увид во пренамената на општинската сала во Кривогаштани
- Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска заедно со заменик министерот за внатрешни работи Митко Бојмацалиев и заменик министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, беше во работна посета на Општина Кривогаштани, каде направи увид во проектите од Програмата за капитални дотации во културата, за кои Министерството има издвоено 7,5 милиони денари.
Скопје, 30 март 2024 (МИА) – Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска заедно со заменик министерот за внатрешни работи Митко Бојмацалиев и заменик министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, беше во работна посета на Општина Кривогаштани, каде направи увид во проектите од Програмата за капитални дотации во културата, за кои Министерството има издвоено 7,5 милиони денари.
Костадиновска-Стојчевска истакна дека со добиените средства општинската сала ќе се адаптира во мултифункционална сала за реализација на културни настани.
– Со градоначалникот, Мискоски направивме увид во завршната фаза од проектот со кој оваа општина за првпат од своето постоење доби средства од Министерството за култура, а со кој се изврши пренамена и адаптација на општинската сала во мултифункционална сала за реализација на културни настани. Со тоа овозможуваме побогат културен живот за сите граѓани како и реализација на настани кои ќе придонесат за негување и заштита на богатата традиција на овој крај, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека со добиените средства од програмата за капитални дотации годинава ќе се реализира и проектот со кој ќе се уреди просторот околу библиотеката и музејот во оваа општина.
Костадиновска-Стојчевска го посети „Саемот на жената“, кој се одржа во Кривогаштани како завршен настан од серијата „Гласна и храбра 2“, во организација на Министерството за труд и социјална политика. ра/нд/
Фото: Министерство за култура