• четврток, 19 декември 2024

Се заштитува ликовното богатство на доајенот Личеноски, трајно наследство за идните генерации

Се заштитува ликовното богатство на доајенот Личеноски, трајно наследство за идните генерации

Скопје, 17 јануари 2024 (МИА) - Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и шефот на Делегацијата на Европската Унија во нашата држава, Дејвид Гир, денеска го посетија Националниот конзерваторски центар каде што се одвива процесот на конзервација и реставрација на ликовните дела од еден од основоположниците на македонската современа уметност, Лазар Личеноски. Делата, како што се наведува во соопштението од Министерството за култура, се дел од легатот на семејството Личеноски на Националната галерија на Северна Македонија.

-Го заштитуваме вредното ликовно богатство старо и повеќе од еден век, оставајќи го во наследство на идните генерации. Со конзервацијата и реставрацијата на делата што го сочинуваат легатот на еден од најважните основоположници на македонската современа ликовна уметност, Лазар Личеноски, обезбедуваме долговечност на највредното од македонската култура, вели министерката за култура Костадиновска-Стојчевска.

Стручните екипи од Централната лабораторија на НКЦ и на Националната галерија информираа дека минатата година се конзервирани и реставрирани 12 дела од богатата колекција од оставината на Личеноски, која се состои од 122 вредни слики, цртежи и акварели.

Посветените професионалци, конзерватори, реставратори, историчари на уметноста продолжуваат со своите активности и годинава и со поддршка од Министерството за култура и до крајот на јуни треба да се заштитат уште 13 уметнички дела од овој наш исклучителен автор.

-Министерството за култура, преку надлежните установи од областа на културата, преку синхронизирани професионални активности, се посвети на реставрацијата и конзервацијата на Куќата на Личеноски, со сите збирки што се во неа. Сите професионалци продолжуваат доследно да го обновуваат фондот на големиот сликар и да го реализираат овој проект, со што на новите генерации и на туристите ќе им се овозможи автентично да го доживеат амбиентот во која живеел и творел доајенот на македонската уметност, Лазар Личеноски, потенцираше Костадиновска-Стојчевска.

Во изминатиов период, целосно е заштитено мозаичното културно наследство во Спомен-куќата на Личеноски, а екипи на Националната галерија минатата година го конзервираа и реставрираа етнолошкиот материјал од објектот. Исто така, завршени се дел од активностите од основниот проект за санација на куќата и нејзино адаптирање во Спомен-куќа „Музеј Лазар Личеноски“, што е во надлежност на Конзерваторскиот центар – Скопје. Саниран е системот за водоводна и одводна мрежа, изведена е и фазата електрика, а дополнително, ќе се пристапи кон изведба на дренажниот канал, санација и консолидација на архитектурата.

Министерката за култура упати благодарност до евроамбасадорот Гир и до Делегацијата на Европската Унија во нашата земја за поддршката на стручниот и на логистистички план и за решавање на идните предизвици во креирањето на уште многу вакви приказни, по примерот на Куќата на Личеноски.

Куќата на Лазар Личеноски, еден од втемелувачите на современата македонска уметност, е прогласена за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење, со владината одлука од 2017 година.  дма/ев/

Фото: Министерство за култура

 

 

Остани поврзан