• понеделник, 23 декември 2024

Косовската изборна комисија ги утврди термините за вонредните избори на 14 февруари

Косовската изборна комисија ги утврди термините за вонредните избори на 14 февруари

Приштина, 7 јануари 2021 (МИА) – Кампањата за вонредните парламентарни избори во Косово, кои ќе се одржат на 14 февруари годинава, ќе трае 10 дена, односно од 3 до 12 февруари, одлучи денеска косовската Централна изборна комисија (ЦИК).

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, рокот за пријавување на субјектите кои имаат намера да учествуваат на изборите е од утре, 8 јануари, до 16 јануари, додека нивната сертификација од страна на ЦИК ќе заврши на 22 јануари.

Во рамките на овие термини, листите на кандидати ќе им бидат доставени за верификација на надлежните институции, објави Комисијата.

Регистрацијата на лицата кои ќе гласаат по пошта ќе се врши од 13 до 24 јануари, додека гласањето на тој начин ќе може да се врши од 2 февруари до 13 февруари, односно до 24 часа пред изборите, објави ЦИК.

Буџетот на косовската ЦИК за овие избори, според денешната одлука, ќе изнесува 5.650.000 евра, со тоа што, како што рече претседателката Ваљдете Дака, непотрошените средства ќе се вратат во државниот буџет.

Дака изрази надеж дека по овие избори ќе има изборна реформа, со која ќе се решат проблемите со кои досега се соочувала ЦИК при нивното организирање.

Вршителката на должноста претседател на Косово, собраниската спикерка Вјоса Османи, синоќа одлучи да го распушти Собранието и да ги распише вонредните прламентарни избори за 14 февруари.

Претходно, истиот ден, Уставниот суд ја прогласи за нелегитимна досегашната Влада, предводена од премиерот Авдулах Хоти, и наложи организирање нови избори, кои ќе бидат осмите по ред парламентaрни избори во Косово по завршувањето на војната со Србија во 1999 година.

Уставниот суд на 21 декември пресуди во полза на опозициското Движење самоопределување (ВВ), на чие чело е претходниот премиер Албин Курти, кое го оспори правото на еден од пратениците во Собранието кои гласаа за избор на кабинетот на Хоти, поради тоа што бил правосилно осуден поради кривично дело.

Судот одлучи дека пратеникот Етем Азири, припадник на малцинските етнички партии, немал право да гласа. Со оглед дека со неговиот глас кабинетот на Хоти го обезбеди минималното потребно мнозинство од 61 пратени во 120-членото Собрание на Косово, со поништувањето на тој глас досегашната влада го изгуби легитимитетот.

Остани поврзан