Корчарскиот митрополит Јован најави наскоро воспоставување канонски односи меѓу македонската и албанската црква
- Амбасадорот на земјава во Албанија, Данчо Марковски и претседателот на партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски ја посетија Корча, каде, меѓу другите, ос
Дебар, 25 јуни 2022 (МИА) – Амбасадорот на земјава во Албанија, Данчо Марковски и претседателот на партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски ја посетија Корча, каде, меѓу другите, остварија средба и со корчарскиот митрополит Јован.
- На средбата посебен акцент беше ставен на канонското признавање на МПЦ-ОА, за што митрополитот изнесе искрени честитки и благослов до македонските верници. Тој најави дека се очекува набрзо да се воспостават канонски односи меѓу Албанската автокефална православна црква (ААПЦ) и Македонската, што ќе овозможи заедничко богослужење на свештеници од двете цркви, изјави Стерјовски за МИА.
Тој додаде дека митрополит Јован и досегашната соработка со МПЦ-ОА ја оценил како многу добра и оти благодарение на тоа свештеници на подрачјето на неговата Митрополија, пред сè во Преспа, службите ги одржуваат на македонски јазик.
- Во областа на Преспа, општина Пустец, која се состои од девет села населени со 100 отсто македонско население служба на македонски јазик служат отец Алексо Темелко од село Пустец и отец Ропи Арѓири од село Зрноско. Исто така, овие парохиски намесници, крштеваат и венчаваат на македонски јазик и во црквите во градот Корча за припадниците од македонската заедница кои живеат во градот Корча, додава Стерјовски
Марковски и Стерјовски имаа средби и со ректорот на Универзитетот „Фан Ноли“, проф. д-р Димитар Бело и деканите на неколку факултети, како и со префектот на Округот Корча, Нертил Јоле.
- На средбите разговаравме за соработка помеѓу Универзитетот од Корча со универзитети од Македонија и изработка на заеднички програми за изучување на македонскиот и албанскиот јазик, запознавање на културите на двете земји, пограничната соработка, положбата на многубројната македонска заедница во округот на Корча, посочи Стерјовски. вт/сп/