• вторник, 26 ноември 2024

Концерт на Александра Коцевска - мецосопран и пијанистот Глигор Гелебешев

Концерт на Александра Коцевска - мецосопран и пијанистот Глигор Гелебешев

Скопје, 24 октомври 2023 (МИА) –  Во рамки на Фестивалот „Златна лира 2023“ во Музејот на македонска борба концерт вечер концерт ќе одржат Александра Коцевска - мецосопран и пијанистот Глигор Гелебешев.

-Пијанистот Глигор Гелебешев и мецосопранот Александра Коцевска својата професионална соработка ја започнуваат во 2015 година и оттогаш се редовно присутни на концертните подиуми во државата. Оваа вечер на фестивалот „Златна лира“ ќе изведат оперски арии од Жорж Бизе, Џузепе Верди, Жил Масне, Волфганг Амадеус Моцарт, Камиј Сен - Санс и Саверио Маркаданте, информира Сојузот на музички уметници на Македонија.

Александра Коцевска има дипломирано на  ФМУ во Скопје, во класата на проф. Благоја Николовски. За време на своите студии учествува на бројни натпревари по соло пеење во Македонија и странство, каде е наградувана со високи награди. По дипломирањето започнува да работи во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип, каде е една од основачите на класата по соло пеење. Во 2002 година ги завршува магистерските студиите во класата на проф. Билјана Јовановска – Јакимовска. Од 2006 година својата педагошка кариера ја продолжува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. 

Глигор Гелебешев студирал на Академијата за уметности во Нови Сад во класата на професор Јокут Михаиловиќ, а магистрира на ФМУ во Скопје. По магистрирањето ја започнува својата пијанистичка кариера како солист и камерен музичар, соработувајќи со голем број истакнати музички уметници. Во 2001 година со својата сопруга, пијанистката Катерина Гелебешева Костадиновска го формираат пијано дуото Гелебешеви кое остварува бројни настапи во земјата и странство, меѓу кои се вбројува и настап со Македонската филхармонија. Дуото во својата биографија запишува и две ЦД-а, а реализира голем број трајни снимки за МРТ. свс/лв/

Фото:СМУМ

 

Остани поврзан