• понеделник, 23 декември 2024

Концерт за флејта и пијано со Јанош Балинт и Владимир Милошевиќ на „Охридско лето“

Концерт за флејта и пијано со Јанош Балинт и Владимир Милошевиќ на „Охридско лето“
Охрид, 3 август 2022 (МИА) - Унгарскиот флејтист Јанош Балинт и Владимир Милошевиќ пијанист од Србија вечер ќе настапат во црквата „Света Софија“ во рамките на фестивалот „Охридско лето“. На програмата, како што соопшти националната установа „Охридско лето“, се дела од Доплер, Дворжак, Дебиси, Барток, Масне и Борне. Јанош Балинт е роден во 1961 година во Унгарија. Дипломирал на академијата „Франц Лист“ во Будимпешта во 1984 година. Добитник е на бројни награди на меѓународни натпревари. Основач е на институтот „Доплер“ во Унгарија, а во моментот предава на Високата школа за музика во Детмолд, Германија и е гостин-предавач на Академијата „Карел Шимановски“ во Катовице.  Како солист настапувал во скоро сите земји низ Европа, но и во САД, Јапонија, Тајван, Кореја и Израел во камерни формации. Има снимено преку 30 ЦД-а за „Хунгаротон“, „Капричо“ и „Наксос“. - Нeговиот широк репертоар за флејта вклучува над 1.000 композиции кои датираат од барокот па сé до современите дела за флејта, а некои од нив се напишани специјално за него. Во оваа бројка покрај делата за соло флејта, свое место имаат и концертите за флејта и оркестар, камерни композиции за флејта и пијано, гитара, харфа или глас. За да го прошири репертоарот уште повеќе, Балинт самиот компонира транскрипции за дела кои оригинално не се напишани за овој инструмент, стои во информацијата. Владимир Милошевиќ, како што е наведено, важи за еден од најистакнатите српски пијанисти на неговата генерација. Дипломирал и магистрирал на Универзитетот во Белград во класата на професорката Невена Поповиќ, а продолжил да се усовршува  во Италија кај Лазар Берман и Мишел Далберто. Прогласен е за „Ѕвезда во подем“ од менаџерската куќа New York Concert Artist and Associates, што му овозможило настап со оркестар во „Меркин Хол“ во Њујорк. Настапувал во концертните сали во Париз, Лондон, Берлин, Прага, Виена, Тел Авив, Милано, Рим, Перуџа, Венеција, Ница, Лион и Вилнус. Како победник на Меѓународниот натпревар во Виченца, дебитира во „Карнеги Хол“ во Њујорк во 2005 година. сс/сст/  

Остани поврзан