• петок, 05 декември 2025

Конференција „20 години КПЛП“ во Белград

Конференција „20 години КПЛП“ во Белград

Белград, 28 септември 2025 (МИА) - Конференција насловена „20 години Конвенција за правата на лицата со попреченост: Постигнувања и перспективи“ се одржа во Институтот за компаративно право во Белград. На собирот којшто траеше два дена, свој удел имаа и македонски научници.

Конференцијата во српскиот главен град се одржа по повод 20-годишнината од меѓународниот договор, што ќе се одбележува идната, 2026 година. Конвенцијата за правата на лицата со попреченост (КПЛП) е усвоена од Генералното собрание на Обединетите нации на 13 декември 2006; официјално стапи во сила на 3 мај 2008; но, според стручњаците, сѐ тоа е плод на долгогодишна работа на документот претходно. КПЛП денес е една од деветте основни конвенции на ОН посветени на заштитата на човековите права.

Меѓународната конвенција за правата на лицата со попреченост (МКПЛП) е една од деветте основни конвенции на ОН посветени на заштитата на човековите права.

- Пристапноста претставува основен предуслов за уживање на човековите права на лицата со попреченост и нивната целосна вклученост во општеството - на еднаква основа со другите. Според податоците на Светската здравствена организација и Светската банка, коишто укажуваат дека над милијарда луѓе во светот живеат со некаков вид попреченост, прашањето на пристапноста бара подигање на својата значајност во правна, политичка и општествена насока, изјави Љубомир Тинтор, истражувач на српскиот Институт и докторанд. 

Тој, како стручњак во својата област, говореше за пристапноста (физичка, институционална, сообраќајна, информативна) - еден од најгорливите проблеми за луѓето кои користат ортопедска количка или какво било ортопедско помагало.

На конференцијата се говореше и за други теми: 1. Еднаквост, недискриминација и кревање на јавната свест; 2. Жените и децата со попреченост како жртви на повеќеслојна дискриминација; 3. Вработување и работа; и 4. Мултисекторски прашања. Од испратените трудови е објавена брошура со абстракти, под наслов „20 години ОНКПЛП: Книга со извадоци од меѓународната научна конференција“, на англиски јазик.  

Професорката по Право, Делија Фери од Ирска говореше за Европската Унија и граѓаните со попреченост. Според официјалните податоци, 50 отсто од овие лица, наспроти 75 отсто од другите, се невработени.

- Во ЕУ има 87 милиони луѓе со попреченост кои сѐ уште имаат ограничен пристап до училиштата, работните места, јавните услуги, инфраструктурата... Кај нив има и повисок ризик на сиромаштија (28,4 насто спроти 17,8 насто); помала стапка на успешност во терцијарното образование (29,4 отсто спроти 43,8 отсто) итн., изјави проф. Фери од ирскиот „АЛЛ“ институт за право.

Според неа, КПЛП претставува интегрален дел од правото на ЕУ, и во хиерархијата, таа стои пониско во однос на одредбите на Основачките договори, но повисоко од секундарното право на ЕУ.

- Секундарното право на ЕУ мора да се толкува согласно КПЛП. Во таа смисла, и Европскиот акт за пристапност (ЕАА) има за цел подобрување на работењето на и пристапот до внатрешниот пазар на стоки и услуги; пристап до низа дигитални добра и услуги, како и избегнување на непропорционалниот товар околу пристапноста и обврските, нагласи Фери.

Таа ја најави и идната евентуална тн. ЕУ-картичка за попреченост, којашто допрва треба да се воведе и би гарантирала еднаков пристап и однос кон граѓаните со попреченост во Унијата.

Македонија е една од земјите коишто ја потпишале и ратификувале КПЛП.

Од Скопје, со свое истражување и испратен научен труд, на конференцијата учествуваа професорката Мелина Гризо од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ (од научната област историја на правото) и Слободан Иванов, магистранд по Политички студии на Правниот факултет. Нивните трудови ќе бидат објавени во специјално издание по повод 20-годишнината од Конвенцијата. Проф. Гризо не присуствуваше лично на научниот собир.

„РС Македонија е земја-потписничка на сите поголеми меѓународни инструменти што го штитат правото на лицата со попреченост да учествуваат во политичкиот живот, а тука спаѓа и КПЛП. Сепак, прегледот на спроведувањето на тоа право открива делумен и нерамен успех... Анализите се насочени кон пристапноста на гласачките места, изборните материјали, кампањите и тајноста на гласањето, напорите на Државната изборна комисија да ги обучи членовите на изборните комисии на теренот и, најважното - механизмите на контролата на спроведувањето на овие права на дело“, се истакнува во трудот на проф. Гризо и со-авторот проф. Јован Ананиев од Правниот факултет во Штип.

Тие препорачуваат помала зависност од ЕУ во тоа и поголема зрелост на државата.

Студентот Иванов имаше свое излагање на конференцијата.

- Според моето истражување, Македонија има постигнато значителен напредок, од состојба без стратегија - кон воспоставување модерен, мултисекторски пристап во 2023 година. Ова може да претставува вистински напредок, бидејќи се вклучени граѓанското општество и Омбудсманот. Дополнително, изгледа дека документите се усогласени и со КПЛП и со Стратегијата на ЕУ за попреченост. Сепак, овој напредок е многу неодамнешен. Македонија сега е на вистинскиот пат, но успехот ќе зависи од тоа дали новата стратегија ќе се претвори во вистинска промена или ќе остане само на хартија, појасни Иванов.

Нашата земја, Западен Балкан, како и ЕУ, се обврзани правилно да ги спроведуваат законите и насоките препорачани во КПЛП.

- Анализата покажа дека членството во ЕУ и усогласеноста со „Аки коминотер“ (Acquis Communautaire) не значат придржување кон КПЛП, односно нејзино целосно спроведување. Иако постојат одредени предности, спроведувањето и примената на Конвенцијата, според моето мнение - остануваат целосно одвоена и посебна област, и за земјите кандидати (како Македонија), и за самата Европска Унија, заклучи Иванов.

Проф. Ананиев соработува и на друг труд, напишан заедно со професорите од Правниот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип - Јадранка Денкова и Страшко Стојановски. Нивното истражување се сосредоточува на урбано-руралните предизвици на лицата со попреченост во северна и источна Македонија.

Според ова обемно теренско истражување, третина од испитаните граѓани со попреченост имаат потреба од персонален асистент, кого го определува државата. Значајна е и огромната изолираност на овие македонски граѓани.

„Голем број испитаници не знаат за постоењето дневни центри и друштвени клубови за лица со попреченост. Третина од испитаниците имаат потреба од регабилитација и реинтеграција, што укажува дека општините и другите надлежни институции одговорни за заштита на човековите права на лицата со попреченост, треба да се сосредоточат на мерките и условите за унапредување на социјалните услуги и задоволување на социјалните потреби“, се вели во научниот труд.

На меѓународната конференција, учество зедоа научници, студенти и претставници на научни установи и од Хрватска, Романија, Шпанија, Ирска, Јужна Африка и други држави ширум Европа и светот.  си/са/

Фото: МИА

Остани поврзан