• петок, 22 ноември 2024

Преку комуникација за животната средина до разбирање на еколошките прашања

Преку комуникација за животната средина до разбирање на еколошките прашања

Скопје, 27 март 2024 (МИА) - Комуникацијата за животната средина која овозможува разбирање на сложените еколошки прашања и ја зајакнува улогата на поединците и на организациите во управувањето со животната средина е во фокусот на конференцијата „Како да комуницираме за животната средина во растечката еколошка криза: практични искуства и нови перспективи“ во организација на Институтот за комуникациски студии.

На воведните обраќања на конференцијата, што се одржува денеска во хотел „Холидеј Ин“, Дејан Андонов од ИКС, истакна дека конференцијата се организира со цел да се одговори на прашањето дали во растечка еколошка криза има доволно разбирање меѓу граѓаните, невладините организации, јавните институции, медиумите, компаниите и академскиот сектор за улогата што сите тие ја имаат во врска со еколошките предизвици.

- Во оваа насока нужна ни е комуникацијата за животната средина која овозможува разбирање на сложените еколошки прашања и која ја зајакнува улогата на поединците и на организациите во управувањето со животната средина. Комуникацијата за животната средина опфаќа многу нешта. Известување од поплави или отпад во реките, потоа граѓански ангажман и активизам против нова електрана или рударење, вклучување на јавноста во носењето на одлуките за животната средина и спроведувањето на законите, политичката реторика, комуникацијата за научните сознанија, образложи Андонов.

Како што дополни, комуникацијата за животната средина може да ни помогне во формирањето на политиките, носењето на законите, во подигнувањето на свеста и промената на однесувањето кај луѓето, во решавањето на конфликтни ситуации. 

- Корисна е за граѓаните и граѓанските организации кои бараат решенија од јавните службеници за локални еколошки проблеми. Корисна е за НВО кои ја подигаат свеста за одржливи еколошки решенија. Корисна е за едукаторите и истражувачите кои ги пренесуваат своите науки. Корисна е за јавните службеници и политичари кои треба да ги направат достапни информациите и да поттикнат поширока поддршка во креирањето на политиките и креирањето на законодавност, корисна е за бизнисите кои ја презентираат нивната корпоративна одговорност и одржливост и за новинарите кои споделуваат информации и влијаат на ставовите и одлуките на јавноста за еколошките прашања, дополни Андонов.

Според него, заштитата на природните ресурси во голема мера зависи од нивното ниво на свесност за еколошките прашања и само со зголемена достапност и пристап до информации за животната средина граѓаните можат да станат важни чинители против нејзината деградација

Промовирање на раст и отпорност на животната средина за одржлива иднина

Стив Депо, претседател на Меѓународната асоцијација за комуникација на животната средина, во  онлајн обраќање, рече дека комуникацијата за животната средина има две одредници - едната одредница е криза, а другата е грижа.

- Комуникацијата за животната средина се појавува како академска дисциплина за областа на кризи. Соодветно е да размислуваме за комуникацијата за животна средина како еден вид реакција на кризна состојба. Тоа е само една од одредниците. Втората одредница е грижата. Последниве години сѐ повеќе застапници размислуваат за комуникацијата за животна средина не само како реакција на криза, туку и како грижа за животната средина и луѓето што се погодени од овие прашања и проблеми, рече тој.

Дополни дека оваа одредница всушност значи дека комуникаторите имаат етичка должност да ги слушаат оние гласови што немаат доволно моќ. 

- Не треба да реагираме само на кризата што ја гледаме во овој момент, туку треба да промовираме раст, негување, отпорност. Комуникацијата за животната средина треба да им дозволи на луѓето да сонуваат за една иднина која што ќе ги вклучи сите, дополни Депо.

Во рамки на конференцијата домашни и странски говорници ќе зборуваат за нивните специфични аспекти и искуства и ќе понудат нови перспективи и приоди за комуникацијата за животната средина.

Конференцијата е во рамки на проектот „Популаризирање на комуникацијата за животната средина преку онлајн учење и виртуелна мобилност“, што ИКС го спроведува во партнерство со универзитетите во Загреб, Нови Сад, Сараево и Тирана, а е финансиран од програмата ЕРАЗМУС+. ар/бак/


Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан