• недела, 22 декември 2024

Конзервативната ЦСВ победи на парламентарните избори во Луксембург  

Конзервативната ЦСВ победи на парламентарните избори во Луксембург  

Брисел, 8 октомври 2023 (МИА) - Опозициската конзервативна Христијанско социјална народна партија (ЦСВ) победи на денешните парламентарни избори во Луксембург, додека владината „Гамбија“ коалиција на либералите, социјалдемократите и зелените го загуби мнозинството во Парламентот, покажуваат неофицијалните конечни резултатите од гласањето. 

Според податоците на Централната изборна комисија по преброените гласови од сите 739 избирачки места, ЦСВ освои 29,21 отсто од гласовите, пред двете досега владејачки партии – социјалдемократската Социјалистичка работничка партија на Луксембург (ЛСАП) со 18,91 отсто и либералната Демократска партија (ДП) со 18,70 проценти од гласовите. 

На четвртото место се пласира десничарската Алтернативна демократска реформска партија (АДР) со 9,27 проценти од гласовите, пред третата партија од досегашната владина коалиција, Зелените, со 8,55 отсто од гласовите, популистичката Пиратска партија на Луксембург (ППЛУ) со 6,74 проценти и екстремно левичарската партијата Левица со 3,93 отсто.  

Според освоените гласови, ЦСВ ќе има 21 пратеничко место во 60-челниот Парламент, ДП 14, ЛСАП 11, АДР 5, Зелените 4, Пиратите 3 и Левицата 2 мандати.  

Лидерот на ЦСВ, Лук Фриден по објавувањето на првичните резултатите изјави дека исходот од гласањето е јасен и дека избирачите и дале јасен мандат на неговата партија да ја формира следната влада. 

- ЦСВ оствари изборен резултат што е далеку подобар од оној на анкетите и кој може да го опишеме како извонреден: 29 отсто од гласовите и 21 пратеник. Тоа е една третина од местата во Парламентот, изјави Фриден, на чија партија анкетите и проектираа дек ќе освои 19 пратенички мандати. 

По објавувањето на првичните резултати кои укажуваа дека досегашната владина коалиција го губи мнозинството во Парламентот, луксембуршкиот премиер и лидер на ДП, Ксавиер Бетел изјави дека неговата партија е „подготвена да преземе одговорност“. 

- Не се откажавме. Продолживме да се бориме за нашите идеи. Ја одбранивме нашата програма, изјави Бетел, говорејќи пред партиските членови и приврзаници во изборниот штаб на ДП, која на денешните избори освои два пратеника повеќе отколку досегашните 12, иако анкетите и предвидуваа 11 мандати.  

Градоначалничката на градот Луксембург и поранешна министерка за надворешни работи Лиди Полфер оцени дека слабите изборни резултати на Зелените, ја наметнуваат потребата за формирање ново парламентарно мнозинство. Таа потенцира дека преферира коалиција на нејзината Демократска партија со ЦСВ, каква веќе функционира во Градскиот совет на Луксембург. 

- Работам со ЦСВ на ниво на општината и таа соработка функционира добро. Усогласени сме во неколку точки и сега треба да видиме каков ќе биде конечниот резултат, изјави Полфер. 

Лидерката на ЛСАП и актуелна вицепремиерка и министерка за здравство и заштита на потрошувачите Полет Ленерт изјави дека нејзината партија е подготвена за коалициски разговори. - Среќна сум што се уште сме во игра. Подготвени сме за разговори, изјави Ленерт, чија партија во коалиција со победничката ЦСВ би имала мнозинство во Парламентот. 

Кандидатот за премиер на Зелените, Сем Тансон, пак, изрази разочарување од изборните резултатите, според кои партијата загуби пет места во споредба со досегашните девет. 

- Факт е дека тоа е огромно разочарување. Ќе бидеме тука. Ние ќе бидеме силен глас, изјави Тансон во обраќањето во партискиот изборниот штаб, додавајќи дека Зелените ќе ја потсетуваат идната влада да ги штити климата и биодиверзитетот. 

Прв по објавувањето на првичните изборни резултатите се огласи лидерот на АДР, Фред Кајп, чија постигна значително подобар резултат од предвидувањата, кој изрази задоволство од освоените гласови. 

- Имаме позитивен тренд, што го потврдува чувството што го имавме за време на изборната кампања. Среќни сме поради тоа. Претпазливи сме, но се чини дека ќе бидеме четвртата по големина партија во Луксембург, далеку пред Зелените и Пиратите и тоа е нешто многу поразлично од она што беше предвидено во анкетите. Тоа е силен показател, изјави Кајп. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, територијата на Луксембург за парламентарните избори е поделена на четири изборни единици, кои даваат различен број мандати – изборната единица Југ е најголема со 23 пратеници, втора е Центар со 21, Север со 9 и најмала е Исток со 7 пратенички места.  

Гласањето на парламентарните избори во Луксембург е задолжително за сите полнолетни луксембуршки државјани на возраст до 75 години. сп/ссм/

Фото: Скриншот

 

Остани поврзан