• вторник, 24 декември 2024

Кондовски: Просторен развој на Битола, нови урбанистички планови за селата

Кондовски: Просторен развој на Битола, нови урбанистички планови за селата
Битола, 10 октомври 2021 (МИА) - Кандидатот за градоначалник на Општина Битола од СДСМ Христо Кондовски најави стратегија за просторен развој на градот и руралните средини. Во програмата на Кондовски содржан е нов Генерален урбанистички план кој ќе биде во електронска форма и за што ќе се вложат 900 илјади евра. - Најавувам изработка на нов Генерален Урбанистички План како услов за ослободување на севкупниот општински потенцијал, економски развој и просперитет на Битола. На урбанистичката иницијатива ќе ѝ претходи изработка на сообраќајна, хидролошка и сеизмолошка студија и постапка за изработка и донесување на Детални урбанистички планови. Придобивките од овој крупен чекор се големи. Ќе се детерминира новиот плански опфат, ќе се утврди хиерархија на мрежа согласно начелото „форма-функција“ кое ќе стимулира решенија за одржлив развој, еколошки развој и заштита на животната средина. Ќе се нотираат и задоволат новите потреби на градот во поглед на сообраќајот, инфраструктурата, демографијата и екологијата, рече тој објаснувајќи дека новиот ГУП ќе биде во електронска форма, периодот на изработка, како голем зафат, ќе се одвива во текот на целиот мандат, а предвидените средства се во износ од 900 илјади евра, изјави Кондовски. Кондовски потсети дека Битола во моментов има необновени Детални урбанистички планови уште од 1975 година, а Генералниот Урбанистички план не е обновен од 1999 година. - Овој сериозен недостаток го кочи севкупниот локален развој. Го кочи урбаното проширување и урбаната модернизација. Затоа, како иден градоначалник најавувам стратегија за просторен развој на градот - инструмент за проектирање на иднината на општината во целост, запазувајќи ја одржливоста во просторна, економска и социјална смисла, посочи Кондовски. На прес-конференција во Битола кандидатот за градоначалник од СДСМ Христо Кондовски најави ревидирање на урбанистички планови и современа инфраструктура и во селата. мт/мс/

Остани поврзан