Кондовски: Битола ќе биде сигурен дом за младите, а не место од кое сакаат да емигирираат
- Целата наша програма е концентрирана кон локален економски развој што ќе обезбеди Битола да стане сигурен дом за младите, место каде ќе сакаат да живеат и работат, а не место од кое сакаат да
Скопје, 10 октомври 2021 (МИА) - Целата наша програма е концентрирана кон локален економски развој што ќе обезбеди Битола да стане сигурен дом за младите, место каде ќе сакаат да живеат и работат, а не место од кое сакаат да емигрираат, порача кандидатот на СДСМ за градоначалник на Општина Битола, Христо Кондовски, кој рече дека иако знае во какви услови живеат младите, сепак длабоко го трогнала претставата „Леонс и Лена“ по текстови на Георг Бихнер и по документарни материјали од вистински животни приказни од Битола, во режија на Софија Ристевска-Петрушева.
Оваа претстава денеска специјално беше одиграна во „Интимен Театар“- Битола за да ја упати пораката до политичарите дека младите не сакаат нивниот дом да биде збришан, напротив сакаат поддршка и шанса да живеат и работат во својот роден град.
- Младите ни се во фокус, бидејќи сакаме да создадеме услови тука да работат и да градат кариера. Еден од клучните проекти е Технолошкиот парк преку кој младите луѓе ќе добијат можност да стартуваат свои компании и да работат на високо платени работни места. Уметниците ќе ги поддржиме и преку Младинскиот центар, рече Кондовски.
Но, додаде дека уметноста не смее да биде луксуз кој граѓаните поради економски причини ќе го избегнуваат, туку уметниците мора да бидат поддржани.
- Битола има врвни уметници. И денеска во Интимен театар кој ангажира млади, невработени глумци видов дека тие работат со нескротлив ентузијазам и дека се на висина на задачата. Актерите Анастазија Христовска, Валентин Дамчевски, Никола Стефанов и Антонио Китановски ме тргонаа со нивната изведба прикажувајќи на сцена реални животни приказни на младите од Битола. За сите млади мора да обезбедиме подобри услови. Една од мерките за таа цел е и тоа што од први јануари државата ќе ги покрива придонесите за нововработените млади, рече Кондовски, посочувајќи дека го поздравува усовршувањето на младите во западните земји, но дека секој млад човек треба да има избор и пред се да добие шанса дома, во својот роден град.
Инаку, како што соопшти прес-службата на кандидатот, претставата раскажува повеќе приказни од животите на четворица млади луѓе што упорно се борат да успеат да живеат во градот кадешто се родиле, и константно се спротивставуваат на огромниот притисок од нивната непосредна околина да заминат и да емигрираат. Нивната борба за живот во сопствениот град, е нивната љубовна песна, посветена на тој град. Ликовите од „Леонс и Лена“ се вљубени во идејата за останување свои на своето, и се активно водени од мотото за ненапуштање на сопствениот дом.
- Ова е претстава која зборува за огромната желба на младите луѓе да останат во овој град. И ова е да речам една лебедова песна младите луѓе да имаат услови да останат во својот град. Ние не сакаме да заминеме, не сакаме да емигрираме. Сакаме да живееме во нашата татковина, во нашиот град. Само бараме да бидеме чуени и да имаме услови за развој. Претставата завршува со најубавите зборови упатени кон нашиот град - ние сме последните Мохиканци што не сакаме да заминеме, изјави режисерката на претставата Софија Ристевска-Петрушева. мс/