Комитетот за економски и монетарни прашања на ЕП ќе гласа за избор на претседател на НО на ЕЦБ
- Комитетот претходно ја поддржа номинацијата на актуелната вицегувернерка на Банката на Шпанија, Маргарита Делгадо за главен банкарски полицаец во ЕУ, но Германија и натаму не отстапува од својот кандидат, вицегувернерката на германската Бундесбанка, Клаудија Бух, зад која застана и ЕЦБ.
Брисел, 20 септември 2023 (МИА) – Членовите на Комитетот за економски и монетарни прашања на Европскиот парламент денеска треба да решаваат за избор на нов претседател на Надзорниот одбор со Европската централна банка (ЕЦБ).
Комитетот претходно ја поддржа номинацијата на актуелната вицегувернерка на Банката на Шпанија, Маргарита Делгадо за главен банкарски полицаец во ЕУ, но Германија и натаму не отстапува од својот кандидат, вицегувернерката на германската Бундесбанка, Клаудија Бух, зад која застана и ЕЦБ.
Според „Еурактив“, не е исклучено европратениците да го променат својот став и да ја поддржат Бух, што би и го отворило патот на една друга Шпанка, Надја Калвињо до местото прв човек на Европската инвестициска банка (ЕИБ).
Европратениците сметаа дека Делгадо е „поискусна и построга“ и посоодветен кандидат од Бух, но според извор во ЕП, пред денешното гласање во Комитетот големите политички групации повеќе се наклонети кон Германката.
- Ќе биде тешко, но на крајот нема да има поголеми аргументи за (Бух) да не биде избрана, изјави за „Еуарактив“ претставникот на ЕП кој побарал анонимност.
Порталот потсетува дека европратениците не сакаат институционален судир со ЕЦБ и иако некои од нив минатата недела одлуката на Банката да застане зад Бух ја оценија како „срамна“ и „комплицирана“, сега се многу потивки.
Според изворот во ЕП, клучот за изборот на новиот прв човек на Надзорниот одбор со ЕЦБ може да биде во тајното гласање, на што веројатно нема да се спротивстават ни дел од шпанските европратеници.
Од друга страна и шпанската Влада нема да биде премногу вознемирена ако Делгадо изгуби на гласањето, бидејќи е свесна оти е малку веројатно Шпанија да го добие раководењето со две водечки финансиски функции во ЕУ - претседател на ЕИБ и на Надзорниот одбор на ЕЦБ. сп/
Фото: МИА Архива