Комисија за заразни болести: Децата со три дози ДиТеПер вакцина ќе може да посетуваат градинка, но ќе треба да ја примат и четвртата доза
- Децата кои имаат примено три дози од вакцината ДиТеПер за голема кашлица можат да посетуваат градинка, но четвртата доза од вакцината ќе мора да ја примат најрано после шест месеци, соопшти денеска претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Александар Петличковски.
Скопје, 14 март 2024 (МИА) - Децата кои имаат примено три дози од вакцината ДиТеПер за голема кашлица можат да посетуваат градинка, но четвртата доза од вакцината ќе мора да ја примат најрано после шест месеци, соопшти денеска претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Александар Петличковски.
Д-р Петличковски рече дека не може да каже кога Министерството ќе достави известување до градинките, но може да се очекува тоа да биде денеска или во следните денови.
- Деца кои примиле три вакцини во последните шест месеци и сега им следи ревакцина, која во стандардниот календар беше препорачано да се прима на една година, сега го кратиме тој период на шест месеци. Овие деца кои ја завршиле примовакциналната серија во овие шест месеци треба да им биде дозволено да влезат со напомена дека оваа вакцина треба да ја примат после шест месеци најрано од примањето на третата доза, рече д-р Петличковски.
Состојбата со голема кашлица, како што кажа, во земјата не е добра и не е стабилна и во оваа состојба сме се довеле заради многу години наназад неодговорно однесување на многу граѓани.
-Оној податок од 50 проценти вакцинирани деца по градинките е поразителен за државата и тука мора многу да работиме, вели д-р Петличковски.
Посочи дека само во Скопје има над 170 деца и возрасни со голема кашлица и над 200 во државата со очекување дека тој број ќе расте.
-Можно е во следниве недели да излеземе со построги епидемиолошки мерки се зависи од развојот на ситуацијата, рече д-р Петличковски. бд/ев/
Фото: МИА