• сабота, 06 декември 2025

Комисијата за политички систем го проследни на второ читање Предлог на законот за изменување на Законот за државните награди

Комисијата за политички систем го проследни на второ читање Предлог на законот за изменување на Законот за државните награди

Скопје, 1 јули 2025 (МИА) - Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска во рамки на 36. седница изгласа на понатамошна собраниска процедура, односно во второ читање да го проследи Предлог на законот за изменување на Законот за државните награди.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков во образложението на законското решение нагласи дека главна цел на овој предлог-закон е усогласување на терминологијата и надлежностите во Законот за државните награди со новата организациска структура на извршната власт и тоа замена на сите поими и референции кои се однесуваат на Министерството за култура во Министерство за култура и туризам и замена на сите поими и референции кои се однесуваат на Агенцијата за млади и спорт во Министерство за спорт. Посочи дека овие измени се од техничко, но суштинско значење.

-Законот за државните награди ја уредува материјата што се однесува на воспоставувањето видови, критериуми, постапки и органи надлежни за доделување на државните награди во Република Македонија. И со вој Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за државните награди се предлага поради усогласување на постојната законска регулатива со донесените измени на Законот за организација и работа на органите на државната управа кои произлегуваат од реорганизацијата на извршната власт, а со кои измени се утврди дека Министерството за култура продолжува да работи како Министерство за култура и туризам и Агенцијата за млади и спорт се трансформира во Министерство за спорт. Со цел да се обезбеди правна сигурност, институционална леснотија и непречено спроведување на надлежностите во делот на државните награди, неопходно е да се интервенира во текстот на Законот за државните награди каде се спомнуваат старите називи на надлежните органи, рече Љутков.

Комисијата за политички систем со еден глас „за“ и ниту еден „против“ и „воздржан“ констатира дека Предлог на законот за дополнување на Кривичниот законик, поднесен од пратениците на „Европскиот фронт“ - Блерим Беџети, Арбана Пашоли, Рина Ајдари, Илир Хасани, Илир Демири, Скендер Реџепи, Сали Мурати и Бејџан Илјас, не е прифатлив и не треба да се даде на понатамошно читање во рамки на Собранието.

Пратеничката Арбана Пашоли во образложението на законското решение нагласи дека со овој Предлог-закон ќе се овозможи сигурност во правниот систем, усогласеност со Уставот, со законодавството на Европската Унија и со меѓународните договори, декларации и резолуции ратификувани во согласност со Уставот, преку почитување и правилна примена, почитување на темелните вредности на уставниот поредок, односно владеењето на правото и правната држава,  развивање на цивилизациски вредности на мир и соживот, спречување на двојна виктимизација на жртвите на кривичното дело геноцид и превенција од истиот. Потенцира дека во Кривичниот законик во членот 407-а во ставот 3 по зборовите: „ холокаустот“ се додаваат зборовите: “,геноцидот во Сребреница“.фф/вј/

Фото: Принтскрин од видео

Остани поврзан