Комисијата за заштита и спречување дискриминација можно уште денеска да ја разгледа наводната согласност на Владата кон „Бехтел и Енка“ за поголема работна недела
- Според Игор Јадровски, ако Комисијата добие претставка од граѓани, би постапувала согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Скопје, 11 април 2023 (МИА) - Комисијата за заштита и спречување дискриминација можно е уште денеска да расправа по информацијата што ја соопшти потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, дека Владата во договорот со „Бехтел и Енка“ наводно се согласила да ја зголеми работната недела од 40 на 60 часа и ако тоа не го стори за 45 дена, ќе треба да му плати огромни пенали на американско-турскиот конзорциум.
Ова денеска го кажа членот на Комисијата, Игор Јадровски, според кој, ако Комисијата добие претставка од граѓани, би постапувала согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација.
-Не можам да зборувам од име на Комисијата која е колективно тело и одлуките ги носи со мнозинство гласови. Она што можам да го кажам е дека ние секако ќе го испитаме ова и ќе видиме дали имам простор за покренување постапка по службена должност и понатаму, би покренале секако и чекори согласно законот. Најпрво, ова мора да биде прашање што ќе биде поставено на седница. Денеска имаме седница, но ова е премногу свежо, чинам излезе вчера во медиумите и немаше кога воопшто да го ставиме на разгледување. Мислам дека на денешната седница ова може да биде разгледано и подоцна да одлучиме дали ќе поведеме или нема да поведеме постапка по службена должност, а секако, доколку добиеме претставка од граѓани, би постапувале согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, истакна Јадровски, одговорајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата за заштита на земјоделките од дискриминација во однос на породилно отстиство и боледување.
Информацијата дека Владата се согласила на огромни пенали кон „Бехтел и Енка“ ако не се обезбеди поголема работна недела Николовски ја соопшти вчера, во телевизиско гостување. Рече дека имал увид во договорот што Владата го потпишала со „Бехтел и Енка“ за изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10-д и дека ова ексклузивно го кажува јавно. мч/нд/
фото: МИА