• четврток, 21 ноември 2024

Комерцијална банка останува спонзор на македонскиот фудбал

Комерцијална банка останува спонзор на македонскиот фудбал

 

Скопје, 7 јуни 2024 (МИА) – Комерцијална банка ја продолжува соработката со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) потпишувајќи денеска нов тригодишен договор за спонзорство, кој ќе обезбеди поддршка за развој и успеси на македонскиот фудбал.

„Фудбалот е тимска игра и фудбалерите најдобро знаат дека многу е полесно заедно да стигнат до посакуваната победа. Ние во Комерцијална банка исто така веруваме во заедничкиот успех и сакаме заедно да стигнеме до многу посакувани победи“, истакна д-р Никола Џамбазовски, главен директор за продажба и развој, и член на Управниот одбор на Комерцијална банка на прес-конференцијата по повод новиот тригодишен договор за спонзорство помеѓу Комерцијална банка и ФФМ.

Комерцијална банка официјално стана пријател на македонскиот фудбал во 2021 година, во пресрет на премиерното учество на Македонија на ЕУРО 2020 и во изминатите три години обезбеди значајна финансиска поддршка за фудбалските репрезентации и за негување на фудбалот како спортска активност која создава здрави, амбициозни и одговорни млади генерации.

„Партнерството кое го започнавме пред три години, а денеска го продолжуваме за нови три, претставува значаен придонес за промовирање и развој на спортот што сите го негуваме. Посветеноста на Комерцијална банка кон заедницата и промовирањето на здрави навики и вредности совршено се усогласува со нашите вредности и цели. Поддршката не само што ќе ни овозможи да ги подобриме нашите програми, туку и ќе биде поттик да ја инспирираме следната генерација фудбалски репрезентативци кон нови победи“, изјави директорот на А македонската репрезентација Данчо Масев.


Во името на репрезентативците од машката А-репрезентација благодарност изрази Столе Димитриевски.

„На сите нас ни е драго што партнер како Комерцијална банка останува со семејството на македонската фудбалска репрезентација. Ова партнерство е повеќе од само спонзорство, тоа е посветеност на тимска работа и заеднички вредности. Како фудбалер, ја знам важноста да се има силна поддршка и на теренот и надвор од него. Со Комерцијална банка покрај нас уверени сме дека ќе ги постигнеме нашите цели. Нивната посветеност на спортот и здравите општествени навики совршено се усогласува со нашата мисија“, порача Димитриевски. ег ФОТО: ФФМ

Остани поврзан