• сабота, 21 декември 2024

Колку губи Балканот поради санкциите против руската цивилна авијација?

Колку губи Балканот поради санкциите против руската цивилна авијација?
4 март 2022Ал Џазира Балканс, Сараево Со инвазијата врз Украина, Руската Федерација претрпе разни видови санкции, што доаѓаат во бранови и по правило, одат во насока на засилување. Една од првите заеднички одлуки на Европската унија, е запирање на воздушниот сообраќај со Русија. Први реагираа соседните балтички земји, Полска, Чешката Република, Словенија, Бугарија. Тогаш, на руските авиони им беа потребни заобиколувања до одредена дестинација. Но, од понеделникот, целиот воздушен простор на Европската унија е затворен. -Го затвораме воздушниот простор на ЕУ за руски авиони. Одлуката се однесува на секој авион, што е во сопственост, или е изнајмен, или е под контрола, на руски правни или физички лица. Просторот ќе биде затворен за сите руски авиони, вклучувајќи ги и приватните, на руски олигарси, појасни претседателката на Европската комисија, Урсула вон дер Лајен. На ова се приклучија и останатите политичари од Западна Европа. Откако Белгија го затвори својот воздушен простор за сите руски компании, како реакција на руската инвазија врз Украина, премиерот на земјата, Александер Де Кро, на Твитер, објави: „Во Европа небото е отворено, отворено за оние кои ги поврзуваат луѓето, не и за тие кои вршат брутална агресија“. Поголеми трошоци, подолги летови На санкциите им се приклучија и земји што се наоѓаат надвор од Унијата, па и надвор од европскиот континент, како Велика Британија или Канада. Иако некои авиони беа во воздух или на крајни дестинации низ светот, а веќе имаше блокада, беа пронајдени рути. Пред официјалната забрана, авионите до Соединетите Американски Држави бираа рута над Северниот пол. Или, на пример, авион на „Аерофлот“ од Москва до Загреб, леташе над Балтичкото Море, Германија, Швајцарија, Италија. Авион на компанијата „Росија“ од Загреб пак, до Санкт Петербург, над Србија, Северна Македонија, Грција, Турција. Лет на „Иљушин ИЛ-96“ на Владата на Руската Федерација, од кубанска Хавана до Москва, ја заобиколи речиси цела Европа, па леташе над Гренланд и навлезе во рускиот воздушен простор од Норвешка. Со тоа е зголемен трошокот, но и времето на патувањето. Следеа реципрочни мерки на Русија, па забрането е да се лета во нивниот простор за авиони од 36 земји. Најголем дел од нив, се во Европа, но има и прекуокеански земји. Ова предизвика дел од авиокомпаниите да ги прекинат летовите кон Далечниот Исток. Европски авиокомпании за Азија летаат под Русија, што доаѓа со значајни зголемени трошоци, па ќе престанат да им бидат конкуренција или на кинеските, јапонските, корејските или на пример, сингапурските. Корејската „Кореан Ер“ и јапонските „Џапен Ерлајнз“ и „АНА“, соопштија дека ќе продолжат да го користат рускиот воздушен простор. Но, не планираат дополнителни летови кон Русија или Европа, со што би ги замениле откажаните, на европските авиокомпании. Паднаа акциите на авиокомпании Акции на европски авиокомпании и аеродромски оператори на берзите, првиот ден по објавувањето санкции, паднаа од три до шест отсто. Како тоа изгледа во бројки, може да се види на специјализираните авио-портали, што анализираат финансиски загуби и откажани летови. -Руски авиокомпании оваа година планирале 2.756 летови кон аеродроми во земји членки на НАТО.  Ако не се реализираат, се претпоставува дека само „Аерофлот“ ќе изгуби над 110 милиони американски долари, од нив, 20 милиони за летови кон Германија и 12.8 милиони кон САД, тврди иницијаторот на порталот Замааеро, Ален Шќуриќ. Тој додаде дека тоа не е сè. -Од 980 патнички авиони, колку што ги има моментално во Русија, 777 се изнајмени. Новите санкции на Европската унија, бараат изнајмувањето да се прекине во рок од 30 дена, како и таквите компании да не смеат да потпишат нови договори, истакна Шќуриќ. Дополнително, се откажуваат бројни договорени „code-share“ конекции на „Аерофлот“ со останати светски компании, договори за спонзорство и рекламирање со светски познати спортски клубови, а веројатно ќе ги изгуби и местата за слетување на најпрометните аеродроми во светот, кога еден ден, ситуацијата ќе се смири. Тоа што дополнително ќе предизвика нови проблеми за руската цивилни авијација, е планираната забрана за продажба и испорака на резервни делови од Европа и САД, на руски компании, а запрен е и транспортот на товар и стока со товарни авиони. Па така, своите операции за Русија ги запреа „УПС“, „ФедЕкс“ и други западни авиокомпании за товарен транспорт. Дополнителен профит за „Ер Србија“ Колку изгуби, или можеби доби, регионот на Западен Балкан, воопшто? Руски компании имаа летови за Белград, Загреб, Љубљана, Скопје. Претходно беа прекинати летовите за црногорските аеродроми. „Аерофлот“ леташе за Белград осум пати во една недела, во овој период на слаби флуктуации на луѓето. За време на летната сезона, се зголемуваше и бројот и капацитетот на авоните, како и руски компании што ги поврзуваат руските градови со Белград. И „Ер Србија“ моментално има осум неделни летови за Москва, а од оваа седмица, ќе летаат 12 пати. „Сега сите летови на Белград се распродадени и воведува авион со широко тело А330 на одредени датуми, со цел да понуди повеќе седишта, а и да се зголемат капацитетите“, се наведува на порталот ЕксЈу Авиејшн Њуз. Така, српскиот национален превозник стана еден од ретките европски превозници, што ја поврзува Русија, со европскиот континент. Ако се додаде Белорусија, само Србија има дозвола да лета во рускиот воздушен простор. Реципроцитет нема ниту Босна и Херцеговина, но земјата не ни имаше летови за Руската Федерација. Според ваквата ситуација, се претпоставува дека „Ер Србија“ „го собра кајмакот“ од ваквиот развој на настаните, бидејќи во предпандемиската 2019 година, меѓу Белград и Москва се превезоа 329.543 патници. „Заедно со Москва, „Ер Србија“ моментално врши еден седмичен лет од Белград до Санкт Петербург. За време на летната сезона, авиопревозникот исто така лета и за Краснодар и за Ростов на Дон, а од јуни, планира да ги инаугурира услугите за Сочи. Меѓутоа, повеќето од последните дестинации зависат од руските патници, кои одат во Западна Европа. Многу е веројатно земјите членки на Европската унија да престанат да им издаваат шенген визи на руските граѓани“ пишува ЕксЈу Авиејшн Њуз. Заедно со националната компанија, чии билети драстично растат поради немање конкуренција, одеднаш многу работа ќе имаат и помалите приватни компании од Србија, што објавуваат чартер и бизнис летови со помали авиони. Нема сомнеж дека најмногу ќе профитираат „Туркиш Ерлајнз“ и турските аеродроми, бидејќи воздушниот простор на двете земји, не е затворен за турски и за руски авони, а рутите на летовите се малку, но, не значајно, продолжени. Авиокомпании од земјите од Персискиот залив, исто така, може да сметаат на одредено зголемување на патничкиот и на товарниот сообраќај. бд/
 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан