• недела, 24 ноември 2024

Колева за МИА: Во делата од изложбата „Фрагменти од едно постоење“ претставен е ликот на жената

Колева за МИА: Во делата од изложбата „Фрагменти од едно постоење“ претставен е ликот на жената
Скопје, 20 септември 2022 (МИА) - Во Концепт 37 во Скопје вечер ќе биде отворена изложбата „Фрагменти од едно постоење“ на уметницата Анџелика Колева. Посетителите ќе имаат можност да видат 30-тина дела на платно и на грамофонски плочи. Колева во изјава за МИА објаснува дека работи на водена техника, разлевање во бои, а првата љубов во уметноста и е сликање на грамофонски плочи, нешто на кое работи веќе 35 години. Во сите дела таа го претставува ликот на жената. -Сите слики и грамофонски плочи се работени на една тема - моето лично патешествие, во времето кога се лекував од канцер на дојка. Претставена сум самата јас и моите емоции, но ги претставувам и сите оние жени кои боледуваат од оваа болест, а кои ги запознав во тој период, вели Колева. Нејзината порака до жените е да ја „негуваат“ позитивната енергија во животот, и како што вели, најважно е да работат, па дури и нешто креативно и да не се затвораат дома. -Станува збор за болест која според мене е повеќе психолошка, отколку физичка. Јас постојано ги поттикнувам жените да бидат активни, да работат нешто па дури и креативно, да имаат некое хоби, за да ги пренасочат негативните мисли. Позитивната енергија е најважното нешто во животот, додава Колева. Од октомври, како што најави, заедно со колегите ќе почне со повеќе хуманитарни активности. Ќе посетат домови за стари лица каде што се предвидени повеќе креативни активности за старите лица. Зимава исто така, Колева ќе посети неколку училишта, а ќе ја посети и Клиниката за онкологија, каде што ќе има креативни активности со деца. Изложбите на Колева се од хуманитарен карактер. Ги повикува посетителите наместо цвеќе, да донесат школски прибор или тетратки кои ќе бидат наменети за децата од Клиниката за онкологија. Делата на Колева ќе може да се видат до 25 септември. бт/бак/

Остани поврзан