• понеделник, 23 декември 2024

Ковачевски – О’Брајан: Северна Македонија постигна многу, важно е да продолжи на патот кон членство во ЕУ

Ковачевски – О’Брајан: Северна Македонија постигна многу, важно е да продолжи на патот кон членство во ЕУ

Скопје, 10 ноември 2023 (МИА) - Северна Македонија постигна многу, важно е да продолжи на патот кон членство во Европската Унија, констатирале на денешната средба во Париз премиерот Димитар Ковачевски и помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан.

Ова е прва средба на премиерот Ковачевски со новоименуваниот помошник државен секретар на САД, О’Брајан, кој стапи на должност минатиот месец.

-На средбата, Ковачевски и О’Брајан го реафирмираа значењето на цврстото стратешко партнерство помеѓу Северна Македонија и САД. Покрај билатералните односи, на средбата се разговараше и за други актуелни теми за регионот и пошироко, соопшти владината прес - служба.

Премиерот Ковачевски го запознал помошникот секретар О'Брајан со најновите внатрешно-политички случувања во Северна Македонија и надворешно-политичките приоритети на Владата.

-Беше потврдена важноста на Северна Македонија како фактор на стабилност и безбедност во регионот, и споделена неопходноста за непречено продолжување на патот на нејзиното европско интегрирање, што е во интерес и на САД, се наведува во соопштението.

Помошникот државен секретар О’Брајан го реафирмирал ставот дека САД ги гледаат како природни партнери оние кои се посветени на европската интеграција, НАТО и зајакнувањето на демократијата. Го поздравил досега постигнатиот напредок на земјата во повеќе области и изрази очекување земјата да продолжи на патот на прогресот. дма/ев/

Фото: Влада на РСМ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан