• понеделник, 23 декември 2024

Ковачевски: Сугерирав во партиската Програма да биде наведено натамошно зголемување на пензиите, минималната и просечната плата

Ковачевски:  Сугерирав во партиската Програма да биде наведено натамошно зголемување на пензиите, минималната и просечната плата

Скопје, 21 март 2024 (МИА) - Кога бев премиер, заедно со министрите успеавме да ја скротиме инфлацијата, од 20 проценти ја донесовме на три отсто. Кога ги носевме мерките, бевме критикувани. Прво ги ограничивме маржите, потоа ги замрзнавме цените. Во подоцнежните месеци се покажа дека голем број трговци го злоупотребуваат тоа. Лично учествував во пишувањето на Законот за нефер трговски практики со кој се интевенира во ланецот на продажба и се дефинира какви се трошоци не ќе може да бидат наметнувани врз купувачите од малопродавачите и големопродавачите. Тоа ќе воведе голем ред.

Вака денеска претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски одговори на новинарско прашање во врска со зголемувањето на минималната синдикална кошничка. Тој, како што изјави, во партијата сугерирал, во економската програма да биде наведено натамошно зголемување на пензиите и на минималната и просечната плата, како и зголемување на поддршката на домашните инвестиции.

Според него, постојат повеќе начини и модели за пресметување на синдикалната кошничка.

-Кошничката варира од - до, зависно какви трошоци ќе ставите во неа. Она што ние како Влада го направивме беше намалување на инфлацијата и зголемување на пензиите, минималната и просечната плата. Успеавме тоа да го направиме, но, повторно ќе истакнам. Свесен сум дека е тешко, дека има граѓани пензионери кои едвај „врзуваат крај со крај“ и кои легнуваат и гладни навечер за да можат да обезбедат финансии за своите деца. Затоа, на мојот економски тим во партијата му сугерирав, во Програмата да биде наведено натамошно зголемување на пензиите и на минималната и просечната плата, како и зголемување на поддршката на домашните инвестиции со оглед дека така се отвораат повеќе работни места, но и продолжување на евроинтеграцискиот процес, бидејќи од зачленувањето на ЕУ, по примерот на другите, зависи и дуплирањето на БДП и триплирањето на минималната и просечната плата, но, секако, и драстичното намалување на невработеноста. Земете го само примерот со Хрватска. Подобро објаснување дека чекање не носи ништо од ова, нема, подвлече Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања откако засади дрвце во Капиштец, во рамки на акцијата на Општина Центар по повод Денот на пролетта. 

Според него, земјава беше пред Хрватска и требаше да стане членка на ЕУ заедно со Хрватска.

-Само поради неодлучноста на политичарите од ВМРО-ДПМНЕ 11 години, кои го замајуваа народот со барок, антиквизација, споменици и измислени стиропорни фасади, заглавивме и Хрватска отиде пред нас и во делот на економијата и во многу други процеси. Верувам дека таквата грешка македонските граѓани на овие избори нема да ја повторат. На изборите ќе се одлучува меѓу надежта за државата што ние ја нудиме и безнадежноста што ја нуди ВМРО-ДПМНЕ, истакна Ковачевски.

Тој потсети и дека во 2016 година беа потребни 4,5 минимални плати за едно семејство, а сега се потребни две до 2,2, што, напомена, е драстична разлика. мч/лв/

Фото: МИА

 

Остани поврзан