• понеделник, 15 јули 2024

Ковачевски: Светскиот ден на детето е нашиот потсетник за обврските што ги имаме кон децата

Ковачевски: Светскиот ден на детето е нашиот потсетник за обврските што ги имаме кон децата
Скопје, 21 ноември 2022 (МИА) - На овој ден се потсетуваме кои ни се приоритетите, каде треба да ни е насочен погледот, што сакаме да постигнеме за да обезбедиме безгрижно детство, како и подобра иднина и можности за развој. Овој ден е нашиот потсетник за обврските што како општество ги имаме кон нашите деца, особено оние чија положба е многу чувствителна, порача премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање по повод Светскиот ден на детето. Светскиот ден на детето денеска во Скопје беше одбележан под мотото „Кога се работи за детските права, сите сме еден тим“, во организација на Детскиот фонд при Обединетите нации (УНИЦЕФ) и Фудбалската федерација на Македонија.
- Најпрво да ви го честитам Светскиот ден на детето. Оваа година Светскиот ден на детето практично се поклопува со започнувањето на Светското првенство во фудбал и во тој фудбалски дух и тимска енергија би сакал да порачам дека ние ќе сме силни како заедница, сѐ додека како едно семејство се грижиме за оние кои ја преставуваат иднината на нашата земја – децата, порача премиерот во обраќањето.
Според Ковачевски, последниве неколку години беа навистина полни со предизвици - КОВИД пандемијата, економската криза, војната во Украина, енергетската криза, и сето тоа, како што рече, остави огромни последици, врз семејствата, но и врз децата. - Децата и младите беа според мене најпогодени од КОВИД кризата. Навистина целосно им се измени и учењето и другарувањето, им се измени животот. Воопшто не беше лесно да си дете тогаш, но ние и тогаш и денес одбираме да излеземе како победници од сите потешкотии низ кои минуваме, додаде Ковачевски. Тој напомена оти цврсто верува дека предизвиците нѐ прават посилни и дека кога пловиме по немирни води, постигнуваме успеси само со храбар и проактивен однос кон животот. - Ваквиот приод сакаме да им го пренесеме и на најмладите и на овој ден гласно да им порачаме и самите да бидат гласноговорници и застапници на своите права. Светскиот ден на детето е нашиот потсетник за обврските што како општество ги имаме кон нашите деца, особено оние чија положба е многу чувствителна, потенцираше премиерот. На настанот обраќања имаа и претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани и директорот на ФФМ, Дени Масев, по што се одржа пријателски фудбалски натпревар. бт/сп/

Остани поврзан