• петок, 08 ноември 2024

Ковачевски: Општините, како и Владата треба да придонесат со своето работење во надминување на предизвиците од енергетската криза

Ковачевски: Општините, како и Владата треба да придонесат со своето работење во надминување на предизвиците од енергетската криза
Скопје, 16 февруари 2022 (МИА) - Сите па и општините, како и Владата треба да придонесат со своето работење и однесување во надминување на предизвиците од енергетската криза. Има инфлација од предизборни ветувања дадени од градоначалниците, но тие во општинските буџети не предвидоа ставка за справување со кризата. Разговорите со нив ќе продолжат во духот на изнаоѓање подобри решенија за справување со кризата, порача премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање денеска по посетата на компанијата „Текспорт“. -Нормално дека состанок ќе се одржи. Ќе се одржуваат состаноци. Јас имам комуникација како премиер со градоначалниците на теми коишто ги засегаат и сум имал особено како заменик-министер за финансии. Меѓутоа, има една работа, а тоа е дека сите во оваа криза треба да придонесат со своето работење и однесување во надминување на предизвиците од кризата. Општините, односно градоначалниците прво своите изборни програми и сите ветувања коишто ги даваа коишто беа – најголемата инфлација беше во ветувањата. Тоа беа ветувања коишто кога ќе ги ставите на хартија се прашувате на кој начин ќе се финансираат и сега одеднаш гледаме дека тие ветувања ни на интернет не можете да ги најдете. Општините, новите градоначалници сами ги правеа буџетите. Кога се правеше буџетот на Република Северна Македонија во него се предвиде ставка за справување со кризата. Јас сметам дека тоа требаше да го направат и општините, рече премиерот Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе одржи состанок со ЗЕЛС кој е на барање од заедницата на локалните самоуправи. Тој при тоа посочи на примерот со топлификацијата во Скопје, кога од Владата во разговорите со Градот Скопје, посочи, бидејќи станува збор за комунална услуга која што ја обезбедува за граѓаните градот Скопје, беше побарано, само 500 илјади евра учество на Градот, со што, според него, ќе можеа да придонесат во непречено снабдување на граѓаните со топлинска енергија. -Градот Скопје тоа го одби и Владата го прифати целиот терет. Исто така, општините како и Владата треба да бидат одговорни во намалувањето на тековните трошоци и во зголемувањето на трошоците коишто се однесуваат на справувањето со енергетската криза. Доколку донесат планови во коишто планови е содржано справување со енергетска криза притоа намалување на ставки коишто не се неопходни во овој период, број 1, број 2 доколку го зголемат своето оперативно работење, особено во делот на прибирањето на даноците коишто се исклучиво во надлежност на општините, а вие веќе имате податок дека во општините се собираат само 47 проценти – даноци коишто се изворни приходи на општините и со коишто тие располагаат, нормално дека ние ќе седнеме и се она што е дадено од страна на општините и државата секако дека ќе помогне, рече Ковачевски. Тој потсети дека државата веќе ги субвенционира трошоците за да се избегне ценовен шок. -Државата веќе субвенционира електрична енергија да немаме ценовен шок за сите граѓани коишто живеат во сите општини. Малите снабдувачи веќе се исто така на регулираниот пазар, градинките исто така добиваат цена од универзалниот снабдувач, што значи дека таму нема енормно зголемување на цената на електричната енергија, односно тие не се на либерализираниот пазар и електричната енергија произведена од обновливи извори на енергија, која што беше испорачувана на универзалниот снабдувач – на ЕВН Хоум, сега се испорачува на компаниите на слободниот пазар при што добиваат од таа електрична енергија, пониска цена во однос на берзанската цена која што е на либерализираниот пазар. Што значи да, нормално дека ќе имаме разговори во духот на изнаоѓање на подобри решенија меѓутоа сите страни треба да го дадат својот придонес во духот на справување со кризата, порача премиерот Димитар Ковачевски. вг/ац/

Остани поврзан