• недела, 22 декември 2024

Ковачевски: Ова е посебен Велигден и значаен момент во македонската црковно-национална меморија

Ковачевски: Ова е посебен Велигден и значаен момент во македонската црковно-национална меморија
Скопје, 15 април 2023 (МИА) - Непосредното пренесување на Благодатниот оган во земјава е уште еден значаен момент во македонската национална и црковна меморија, што го прави посебно овогодишното чествување на најголемиот христијански празник, Христовото Воскресение – Велигден, порача премиерот Димитар Ковачевски, кој на скопскиот аеродром ја пречека македонската државна и црковна делегација која директно од Ерусалим го донесе Благодатниот оган.
 
Оваа година, за прв пат, македонска делегација присуствуваше на официјалната церемонија на преземање на Светиот Благодатен оган во Базиликата на Светиот Гроб во Ерусалим и лично од Ерусалимскиот патријарх го преземаа Благодатниот оган и го донесоа во земјава, како благослов за македонскиот православен народ и за МПЦ-ОА.
Благодатниот оган, во фенер, на скопскиот аеродром го изнесе делегатот на Светиот архиерејски Синод на МПЦ-ОА,  митрополитот Тетовски-гостиварски, г. Јосиф по што од него свеќи запалија присутните претставници на владината и на црковната делегација, кои ја пречекаа делегацијата од Ерусалим.
 
По церемонијата на пречекот на аеродромот во Скопје, свештените лица ќе го пренесат Благодатниот оган до поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, како и до храмовите и епархиите ширум државата.
Во составот на владината делегација, во Ерусалим беа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски.
Симнувањето на Благодатниот оган во базиликата на Светиот Христов гроб во Ерусалим секоја сабота пред Христовото Воскресение, има древна традиција во христијанството и се случува во очекување на најрадосната објава за Христовото Воскресение. бак/
 
Фото: Влада на Северна Македонија

Остани поврзан