• недела, 22 декември 2024

Ковачевски - Макрон: Франција сака да ја види Северна Македонија успешна и интегрирана во ЕУ

Ковачевски - Макрон: Франција сака да ја види Северна Македонија успешна и интегрирана во ЕУ

Братислава, 31 мај 2023 (МИА) - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска во Братислава се сретна со претседателот на Франција, Емануел Макрон, на која, како што информираат од владината прес-служба, било разговарано за процесот на проширување на ЕУ и интеграцијата на Северна Македонија во Унијата.

Макрон ја поздрави одлучноста на Владата да работи на реализирање на европската агенда и потенцира дека на тој пат ќе продолжи да има силна и гласна поддршка на Франција. Ковачевски и Макрон, информираат од владината прес-служба, се согласија дека сега е момент да се направи јасен исчекор во пристапниот пат и да се овозможи успешно интегрирање на Северна Македонија во ЕУ.

На средбата, јави известувачот на МИА од Братислава, присуствуваше и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Премиерот Ковачевски, на средбата, му се заблагодари на францускиот Претседател за неговиот личен ангажман во процесот на проширување на ЕУ и интеграцијата на Северна Македонија во Унијата.
  
Соговорниците, исто така, изразиле согласност дека не смее да има одложување на процесот на евроинтеграции, и затоа, и овој пат нема да отсуствува поддршката од Франција и меѓународната заедница во натамошните етапи и предизвици на патот кон членство во ЕУ.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска учествува на Глобалниот безбедносен форум на Глобсек 2023, кој се одржува во Братислава. Во рамки на агендата, Ковачевски денеска имаше билатерална средба и со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.

Безбедносниот форум на Глобсек е етаблиран како најистакната платформа низ регионот на Централна и Источна Европа (ЦИЕ). Овогодишното, 18-то издание на Форумот, има за цел да го потсети светот дека овој регион никогаш не бил поклучен во обезбедувањето на глобалната стабилност. аа/цр

Фото: Влада

Остани поврзан