• вторник, 26 ноември 2024

Ковачевски и Лукаревска во „Виталиа“: Да се почитуваат и унапредуваат убавите приказни во бизнис заедницата

Ковачевски и Лукаревска во „Виталиа“:  Да се почитуваат и унапредуваат убавите приказни во бизнис заедницата

Скопје, 3 февруари 2023 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски и директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска денеска беа во посета на компанијата за производство и продажба на здрава храна „Виталиа“ во Скопје. Компанијата годинава одбележува 30 години постоење.

- Денеска ми е драго што сме во посета на една од нашите најуспешни компании во нашата држава. „Виталиа“ годинава слави 30 години постоење. Кога прошетав низ погоните, видов дека оваа компанија низ годините вложила многу во иновативноста и одржување на високо ниво на квалитет на своите производи. Доколку не е тој висок квалитет на производите, нивните производи сигурно не би можеле да бидат на рафтовите во земји на Европската Унија, посочи Ковачевски.

Тој додаде дека од септември, компанијата инвестирала и во фотоволтаичен систем за генерирање  електрична енергија и тоа со моќност од 410 киловати.

- Тоа е уште еден показател за грижа и општествено одговорна компанија. Со моменталната поставеност на системот за генерирање електрична енергија, „Виталиа“ користејќи го сонцето обезбедува максимална ефикасност за исполнување на потребите за електрична енергија, која се користи за производствените процеси, како и во останатите објекти во компанијата. Со нивната инвестиција во обновливи извори на енергија, реализирани во период 2021/22, вкупната потрошувачка на струја по единица производ ја намалиле за 30 проценти, нагласи Ковачевски.

Како што истакна премиерот, „Виталиа“ е исто така голем даночен обврзник и како и другите големи компании, имаат значајно влијание на растот и развојот на економијата.

- Овие компании се носители на раст на БДП во земјата, тие се креатори на голем број работни места и тие се носители на технолошкиот прогрес на државата. Компанијата „Виталиа“, како голем даночен обврзник, значајно придонесува во буџетот на државата, преку плаќање на придонеси и даноци по сите основи. Ваквите компании се одличен пример за даночен обврзник, кои редовно плаќаат плати на вработените, навремено подмируваат даночни обврски, ова е мотивација плус за нивните вработени да бидат поефикасни и поефективни во работењето. Владата креира позитивни политики и затоа успеавме да постигнеме ефикасност, на плаќање данок кон државата. Како Влада се залагаме за поедноставни процедури, сѐ со цел да изградиме силен и нераскинлив однос со нашите партнери, компаниите. Успешната деловна соработка, значи посилна економија и поквалитетен живот за граѓаните, бидејќи парите од даноците завршуваат во државната каса, а тие пари се на граѓаните, рече Ковачевски.

Ковачевски на домаќините им посака да отворат уште многу пазари, да вработат уште вработени, бидејќи „Виталиа“ сега има над 200 вработени и со тоа, да придонесат и во развојот на компанијата и за развојот на државата.

Тој се осврна и на работата на компанијата „Галениус“, мал даночен обврзник со 10 вработени, компанија со големо искуство во производство на диететски и фармацевтски производи.

- Компанијата го проширила својот бизнис на меѓународниот пазар и соработува со странски компании. Користејќи ја ИПАРД програмата, компанијата го подигнала квалитетот и стандардите во нивното работење, но и конкурентноста на пазарите дома и во странство. Оваа компанија е заштитно друштво, во кое има вработено лица со попреченост и затоа истата е ослободена од плаќање данок на добивка, а добива и поврат на придонесите. Ваквите законски можности, во пракса значат нивно поголемо вработување, нивна економска и социјална независност и стабилност. На овие наши граѓани им помагаме да се вклучат на пазарот на трудот, од друга страна, ова значи и стимулација за компаниите кои им овозможуваат на лицата со попреченост да стекнат соодветни вештини и вклучување во работниот процес, рече премиерот.

Лукаревска подвлече дека е неопходно да се почитуваат, унапредуваат и сакаат убавите приказни што се во рамки на бизнис заедницата.

- „Виталиа“, компанија што три децении произведува и продава здрава храна во нашиот и на странскиот пазар. Можам да кажам дека се постари дури и од Управата за јавни приходи, една година, изјави Лукаревска.

Искра Ветаџокоска - Муцунска, управител и ко-сопственик на „Виталиа“, рече дека нивна цел е да го развијат брендот и да помогнат во градењето на култура на здраво живеење во сите 55 земји ширум светот, каде денес е застапен овој бренд. бд/лв/

Остани поврзан