Ковачевски: Добивме француски предлог со идеи за нашите јавно изнесени ставови во однос на спорот со Бугарија
- Денеска до Владата од француското претседателство со ЕУ пристигна предлог со идеи кои се однесуваат на нашите јавно изнесени позиции и ставови во однос на спорот со Република Бугарија, објави
Скопје, 30 јуни 2022 (МИА) - Денеска до Владата од француското претседателство со ЕУ пристигна предлог со идеи кои се однесуваат на нашите јавно изнесени позиции и ставови во однос на спорот со Република Бугарија, објави на Фејсбук премиерот Ковачевски.
- Овој предлог, при чие изготвување се земени предвид нашите позиции и барања, ќе биде ставен на широк консултативен процес. Консултации во следните денови ќе се прават во Владата, со политичките партии, со претседателот на државата, Парламентот, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата. По овие консултации ќе се донесе одлука во однос на предлогот, наведува Ковачевски во објавата.
Тој додава дека како што вети Владата и наспроти шпекулациите на опозицијата, одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме заеднички согласно стратешките интереси на земјата и на сите наши граѓани.
- Упатувам благодарност до Претседателот Макрон и Француското претседателство, за нивните напори да се надминат пречките и да се зачува европскиот кредибилитет на Балканот, вели Ковачевски во објавата.
Претходно и од Владата потврдија дека преку Министерството за надворешни работи, од француското претседателство пристигнал предлог со идеи кои се однесуваат на нашите јавно изнесени позиции и ставови.
Извори од Владата за МИА брифираат македонското НЕ на премиерот Ковачевски даде резултат и во новиот предлог од Франција има измени во текстот, кои се во насока на нашите ставови, предлози и забелешки.
- Францускиот предлог пристигна до Владата. Како што гледаме првично овој предлог ги зема предвид нашите позиции и барања. Овој предлог ќе биде ставен на широка консултација пред да се донесе конечната одлука, додаваат изворите на МИА.
Според извори во преговарачкиот процес, неофицијално, во предлогот стои чист македонски јазик во ЕУ, а Протоколот што произлегува од билатералниот договор со Бугарија и историските прашања не се дел од новата преговарачка рамка. сп/