• понеделник, 23 декември 2024

Кобахидзе: Во Грузија нема да се повтори сценариото на украинскиот „Мајдан“

Кобахидзе: Во Грузија нема да се повтори сценариото на украинскиот „Мајдан“

Тбилиси, 30 ноември 2024 (МИА) – Гризискиот премиер Иракли Кобахидзе денеска изјави дека сценариото на украинскиот Мајдан не може да се повтори во Грузија, бидејќи, како што наведе, таа земја има „силни институции и мудри луѓе“.

-Радикалите и нивните странски покровители секогаш се обидуваат да најдат причина да се обидат да предизвикаат немири во земјата и за украинизација на Грузија. Тие сè уште не сфатиле дека, за разлика од Украина во 2013 година, Грузија е независна земја со силни институции и мнозинство во парламентот... Сценариото „Мајдан“ не може да се примени во Грузија. Грузија е држава и грузиската држава тоа нема да го дозволи, рече Кобахидзе на прес-конференција.

Тој посочи дека Грузија не го запрела процесот на евроинтеграции, туку дека земјата продолжува да ги исполнува сите обврски поврзани со евроинтеграцијата на Грузија.

-Амбасадорот на Европската унија, кој вчера тврдеше дека Европската унија го запре процесот на европска интеграција, денеска тврди дека процесот на европска интеграција го запрела Грузија. Вакви лаги и дволичност, кои грузиското општество ги набљудува сите овие три години, ја разниша довербата на Грузијците во европските институции, рече премиерот Кобахидзе, пренесува грузискиот јавен сервис ТВ1.

 Кобахидзе истакна дека затоа не е чудно што, според истражувањето на Евробарометар спроведено од Европската унија, довербата на грузиското општество во институциите на Европската унија е намалена за шест отсто во последните шест месеци, на рекордни 58 отсто.

-Уште еднаш ќе го повторам тоа што категорично го кажавме вчера и завчера - Грузија не го запре процесот на европска интеграција, нашата земја продолжува да ги исполнува сите обврски поврзани со европската интеграција на Грузија. Тоа се обврски што произлегуваат од агендата за придружување и договорот за слободна трговија, од кои повеќе од 90 проценти ќе бидат исполнети до 2028 година, рече грузискиот премиер.

Тој, истовремено, додаде дека нема да дозволи никој да го користи прашањето за отворање на преговорите за да се обиде да го подели општеството, да ја поремети земјата и да ја украинизира Грузија.

-Вчера сите уште еднаш се уверија дека украинскиот „Мајдан“ не може да се повтори во Грузија... Веќе трета година некои европски политичари и бирократи, кои не успеаја да ја постигнат украинизацијата на Грузија, постојано се обидуваат да го искористат кандидатскиот  статус и прашањето за отворање преговори за слабеење на земјата, поттикнување на поларизација и вештачка депопулација на општеството, рече Кобахидзе.

Според него, главната одговорност за вчерашниот насилен митинг ја имаат европските политичари и бирократи и „петтата колона“ која ја сочинуваат четири политички партии.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан