• среда, 18 декември 2024

Коалиција „Менуваме“: Да се реши проблемот со исплатата на персоналните асистенти

Коалиција „Менуваме“: Да се реши проблемот со исплатата на персоналните асистенти

Скопје, 3 декември 2024 (МИА) - Коалицијата „Менуваме“ на Денот на лицата со попреченост бара од Министерството за социјална политика, демографија и млади да се реши проблемот со надоместокот за персоналните асистенти и бара зголемувањето на додатокот за попреченост да биде за сите лица, а не само, како што најавил министерот, за лицата со квадраплегија и со оштетен слух и говор. 

Суарет Алишан, координатор на Коалицијата „Менуваме“ денеска изјави дека се констатирани низа неправилности во исплатите за личните асистенти, како и дека забелешките за тоа пред две недели се доставени до Министерството но дека нема никаков одговор за нив. 

- Од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади не се исплатени септември, октомври и ноември персоналните асистенти, а истовремено за тоа молчат и операторите кои ги даваат услугите. Ги детектираше следните слабости: од страна на провајдерот нема никаква соработка со персоналниот асистент и тој е оставен сам на себе. Од страна на операторот врз основа на некаков правилник, член 146 се крати од месечниот надоместок на персоналниот асистент, вели Алишан.

Врз основа на член 76 од Законот за социјална заштита, пак, како што вели, е донесен Правилник кој е надвор од тој член.

-Понатаму во член 76 вели, надоместокот што го користи персоналниот асистент да не биде под минималната плата. Државата тоа го испочитува. На месечно ниво на едно лице се издвојува 25.200 денари. Кога ние ќе одземеме 11 отсто да се плати персонален данок, остануваме на 22.500. Од 22.500 чисти пари одат во таканаречените провајдери односно даватели на услуги, а не даваат услуги, а на асистентите им се исплаќа по 17.000 денари. Сега ако има 650 корисници во Скопје, колку пари остануваат за еден провајдер, вели Алишан. 

Обвинува дека тие немаат информација дали личните асистенти ќе продолжат со работа или не. За тоа ги обвини давателите на услуги, но и министерот за социјална политика, демографија и министерот и неговиот заменик.  Алишан вели дека на овој начин се кршат правата на личните асистенти, а со тоа и нивните. 

Координаторот на Коалицијата „Менуваме“ изјави дека министерот Фатмир Лимани ги дискриминирал лицата со попреченост со најавата од 4 ноември кога најавил зголемување на додатокот за попреченост само кај квадраплегија (телесно оштетување) 50 отсто и кај лицата со оштетен слух и говор 25 отсто, додека кај другите лица со попреченост нема покачување.

-Еве ние имаме предлог, во нашите барања на сите подеднакво да им даде 50 отсто. Но, ние имаме кратење на буџетот за 40 проценти без инфлација. Се прашуваме во 2025 дали ќе имаме социјални сервиси и дали ќе ги имаме правата, рече Алишан. ев/аа/

ФОТО: Принтскрин

 

Остани поврзан