Коалиција Маргини: ЕК бара целосно спроведување на Законот за спречување и заштита од дискриминација
- Извештајот на Европската Комисија за 2021 година го забележува донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, за чие донесување се потенцира дека беше обезбедена меѓупарти
Скопје, 25 октомври 2021 (МИА) - Извештајот на Европската Комисија за 2021 година го забележува донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, за чие донесување се потенцира дека беше обезбедена меѓупартиска поддршка, а се забележува и клучната улога на граѓанскиот сектор во мониторирање на работата на институциите и во учеството во донесувањето на одлуки во областа на антидискриминацијата, се вели во соопштението од Коалицијата Маргини.
Со Извештајот, посочуваат од Коалицијата Маргини, се поздравува и формирањето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, особено назначувањето на дел од членовите од граѓанскиот сектор со соодветно искуство во областа, но, се забележуваат критиките за недостатокот на жени и лица со попречност во нејзиниот состав.
-Мрежата за заштита од дискриминација апелираше за овој проблем особено поради фактот што на огласот се пријавија лица од овие групи кои посоодветно ги исполнуваа критериумите од некои од избраните членови. Во првите неколку месеци од изборот, како што е потенцирано во Извештајот, Комисијата се соочи со бројни логистички и финансиски предизвици кои треба итно да се надминат во насока на нејзина целосна ефикасност. Мрежата забележува дека дел од сѐ уште актуелните проблеми се: формирањето на стручната служба со доволен број на вработени за целосно остварување на мандатот; избор на независен и професионален кандидат како седми член на Комисијата; донесување на интерните акти за работа; зголемување на буџетот преку објективни критериуми согласно надлежностите; креирањето на веб страницата и обезбедување на транспарентност во работењето, итн. Со цел надминување на овие предизвици, неопходно е Комисијата да добие соодветна поддршка од клучните институции, се вели во соопштението од Коалицијата Маргини.
Во однос на Народниот правобранител, од Коалицијата Маргини, посочуваат дека во Извештајот се потенцира загриженост поради партиската припадност на избраниот кандидат.
-Мрежата за заштита од дискриминација апелираше за избор на кандидат според заслуга и го следеше процесот на избор на Народен правобранител кој го оцени како крајно нетранспарентен и без реална можност за учество на независни и професионални кандидати. Во Извештајот се забележуваат и недоволната екипираност на одделението за недискриминација во Народниот правобранител, потребата од назначување на замениците и потребата од зголемување на буџетот на институцијата согласно надлежностите. Се забележува дека Народниот правобранител започнал да известува за предметите за дискриминација согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација. Сепак, Мрежата за заштита од дискриминација смета дека Народниот правобранител во извештајот за 2020 година не известил согласно законската обврска која бара известување за предметите поделени по основи на дискриминација, оценувата од Коалицијата Маргини.
Европската комисија, се вели во соопштението, повторно апелира сите овие позиции во независните тела да се назначат според принципот на заслуги. Притоа се потенцира дека функционалната независност на овие тела (Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Народниот правобранител) треба постојано да биде загарантирана, меѓу другото и преку овозможување на соодветни финансиски ресурси за нивно непречено и сеопфатно функционирање.
-Во Извештајот се забележува недостаток на систематско прибирање на податоци за говор на омраза, па оттука се бара проактивен и холистички пристап во справувањето со проблемот на говор на омраза и дела на омраза. Согласно податоците и искуствата на Мрежата за заштита од дискриминација органите на прогон речиси воопшто не препознаваат и не спроведуваат ефикасни постапки за заштитуваат од говор на омраза и дела на омраза, за што сѐ уште се чека на каков било напредок, посочуваат од Коалицијата Маргини.
Извештајот зборува и за системските форми на дискриминација кон Ромите, лицата со попреченост, ЛГБТИ луѓето, родовата еднаквост и состојбите во затворите, за кои се потребни дополнителни и континуирани напори за да се надминат.
- ЕК констатира дека структурните недостатоци сè уште се забележуваат и на пазарот на трудот, што оневозможуваат потенцијален раст и развој. Родовиот јаз на пазарот на трудот во 2020 година се зголемил за 22.7 процентни поени, што се должи на фактот дека поголем дел од жените (во споредба со мажите) биле исклучени од пазарот на трудот оваа година. Стапката на вработеност кај мажите (20-64г) во 2020 година изнесувала 68.9%, а кај жените 49%, што резултира со висок родов јаз во вработеноста од 19.9 процентни поени. Генерално, се забележува соодветна законска рамка но се забележува и недостатокот на нејзино спроведување во повеќе области. Оттука, клучна препорака на Европската Комисија во областа на дискриминација е целосно да се спроведат одредбите на Законот за спречување и заштита од дискриминација и распределување на потребните ресурси со цел да се овозможи целосна функционалност на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, стои во соопштението од Коалиција Маргини. аа/дма/