• понеделник, 23 декември 2024

Книжевен портрет на Ефтим Клетников во Гевгелија

Книжевен портрет на Ефтим Клетников во Гевгелија

Скопје, 11 април 2023 (МИА) - Во Народниот театар во Гевгелија денеска ќе биде одржан книжевен портрет на македонскиот поет, книжевен ликовен критичар, есеист и преведувач Ефтим Клетников.

Клетников во 1969-та година дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Имал студиски престој во Париз (1979/80) како стипендист на француската влада. За своето творештво кое вбројува над 20 стихозбирки, Клетников е лауреат на бројни значајни домашни и меѓународни награди, меѓу кои и наградата на Президиумот на Меѓународната академија ЗАУМ во Русија и наградата „Леополд Седар Сенгор“ од Европската академија за поезија, литература и уметност со седиште во Париз. Член е на македонскиот ПЕН центар, каде ја извршувал и функцијата секретар. Работел како новинар и книжевен уредник, а бил и директор на фестивалот Струшки вечери на поезијата.

Автор е на повеќе поетски збирки, поезија за деца, есеи и критики. Има подготвено неколку антологии на македонската поезија.Препејува од руски, француски, словенечки, српски, хрватски, словачки јазик. Неговата поезија е застапена во голем број антологии и преведена е на неколку јазици.

На книжевниот портрет во организација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија, за книжевните достигнувања на Клетников ќе говорат директорот на библиотеката, писателот Стефан Марковски и  македонистот Пепи Стамков.

Модератор на настанот е Емилија Старделова, а предвиден е и настап на пејачката Теодора Гошева – Теда. 

Стихови од Клетников ќе интерпретира Петар Јанчев.свс/лв/

 Фото: Зеница МК

Остани поврзан