• понеделник, 23 декември 2024

Книгата „Од онаа страна на небиднината: разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов“ промовирана во Штип

Книгата „Од онаа страна на небиднината: разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов“ промовирана во Штип

Штип, 29 ноември 2023 (МИА) - „Од онаа страна на небиднината: разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов“ е прва книга објавена во Македонија со разговори за писател водени со неговата сопруга. Со авторството на Иван Антоновски и промоцијата на професорката Весна Мојсова-Чепишевска денеска беше претставена и во Штип. Книгата има широк дијапазон на разговори, кои евоцираат спомени за над четиристотини личности.

-Многу факти од животот на Ацо Шопов, факти поврзани и со неговото творештво, меѓутоа и факти од втората половина на 20. век, тој ги имаше оставено во тишина, ги закопа во тишината со надеж дека таа ќе ги рече. И покрај неговата верба во тишината, таа не ги рече или, можеби, ние не ги слушнавме. Уште пред 30 години Анте Поповски го има оставено аманетот дека треба да се остави запис од сеќавањата на Светлана Шопова, коишто ќе бидат и историја на личноста на Ацо Шопов, меѓутоа и историја на неговото време, вели Антоновски.

Книгата е скапоцен влог во македонската книжевна и културна историја, вели промоторката Мојсова-Чепишевска. Со оваа книга се разоткриваат многу информации за творештвото, професионалниот и личниот живот на Шопов, но се даваат и информации за македонската и југословенската културна, политичка и општествена стварност од втората половина на 20. век.-Книгата „Од онаа страна на небиднината“ е книга што треба да ја има секое семејство во својата библиотека, затоа што ова е Шопов којшто не можете да го најдете, ниту во неговата поезија, ниту во неговите есеи, ниту во неговите интервјуа, ова е, навистина, многу интимна приказна којашто ја доловуваат во разговор заедно Иван Антоновски и Светлана Шопова, сопругата на Ацо Шопов, така што, навистина, се радувам што Шопов и на овој начин го вративме во Штип, рече Мојсова-Чепишевска.

Организатор на промоцијата е Филолошкиот факултет при штипскиот Универзитет, кој претходно одржа и конференција посветена на Шопов, а по повод 100-годишнината од неговото раѓање. Деканката на Филолошки факултет, Луси Караниколова-Чочоврски вели дека има интерес за разоткривање на шоповото дело, и кај студентите, и кај професорите.

-Се надевам дека е интересен. Јас сум од Македонистика, нели, но колку што можев да видам од колегите коишто учествуваа на конференцијата и коишто работат на полето на преведувањето, секако, има интерес и во таа смисла е доста провокативен, вели Караниколова-Чочоровска.

Шоповата љубов и почит кон сопругата е силно изразена, а и самата Светлана Шопова вели дека се препознава во некои од песните.

-Да, се чувствувам, во неколку негови песни се гледам, особено во „Трета молитва на моето тело“, тогаш само што ги беше започнал Првата и Втората молитва, веќе Третата ја напиша за мене и оттогаш почнува таа врзаност и моето присуство во неговата поезија. Дали како физикус, дали како ум, дали како блискост, присутноста беше од првиот до последниот момент, како што и последната збирка мене ми беше посветена, рече Шопова.

За зачувувањето на споменот за Шопов силно се бореше токму неговата сопруга, а за поголем дел од работата веќе се грижи неговата ќерка, Јасмина Шопова. Сопругата Светлана вели дека и двете се задоволни од почитта која се искажува на Шопов, како на национално, така и на балканско и светско ниво.

Објавувањето на книгата е остварено во рамки на националната програма „2023, Година во чест на Ацо Шопов“, под покровителство на претседателот на државата, Стево Пендаровски, а со поддршка од Министерството за култура и од Фондацијата „Ацо Шопов – поезија“. вдј/ир

Фото: МИА

Остани поврзан