• вторник, 13 јануари 2026

Клубот на уметници при КУД „Иљо Антески-Смок“ со изложба на слики инспирирани од светските ликовни виртуози

Клубот на уметници при КУД „Иљо Антески-Смок“ со изложба на слики инспирирани од светските ликовни виртуози

Тетово, 27 декември 2025 (МИА) - Членовите на Клубот на уметници при КУД „Иљо Антески-Смок“ од Тетово вчера со колективна изложба на слики ја претставија својата работа во текот на 2025 година под менторство на професорката Татјана Антевска Маркоска.  Младите уметници, ученици од седум до 17 години направија слики инспирани од делата на светските ликовни виртуози Фрида Кало, Винсент Ван Гог, Клод Моне, Енди Ворхол и други.

-На овој начин ја славиме креативноста, трудот и талентот на нашите најмлади уметници на возраст од 7 до 17 години, кои со голема посветеност работеа на оваа тематска изложба. Секој од учесниците избра по еден од познат ликовен уметник, со чиј стил, израз и емоции, се почувствува најблизок, го избра и им послужи како инспирација и почеток, точка преку која се истражуваа, учеа и го градеа својот соспствен ликовен израз. Секое дело носи лична приказна, детска искреност, уникатен творечки пристап. Особено нè радува фактот, што овие млади уметници не копираат туку создаваат, набљудуваат, чувствуваат, и преку бојата, формата, го изразуваат својот внатрешен свет. Тоа е најголемата предност на уметноста и на уметничкото образование, затоа што уметноста е јазик кој зборува најискрено кој доаѓа од срцето, истакна професорката Татјана Антеска Маркоска, воедно и ментор на членовите на ликовната секција.

Вкупно 20 ликовни дела беа претставени на изложбата, а изработени на платно, отсликување на акрил на платно, акварел, комбинирани техники.

-Изразувам огромно задоволство што вечерва нашите членови го дадоа својот максимум во нашата креативна уметности макотрпно работејќи со менторот Татјана Антеска Маркоска. Се надеваме дека во наредниот период овие наши млади уметници ќе тргнат по патеките на многу наши уметници од градот Тетово. Се надеваме дека нашето наследство, нашата традиција ќе ја пренесат и надалеку од нашата убава Македонија. Сево ова го прави менторот и се надевам дека патеките на овие млади уметници ќе ја продолжат нејзината иднина. Се трудевме максимално на овие дечиња да им пружиме колку сме во можност, но воедно видовме дека овие дечиња се доста надарени, а ние во самото друштво се радуваме со вакви дечиња и уметници, посочи Милорад Ѓорѓевски, претседател на КУД „Иљо Антески-Смок“.

На сите учесници за успешната работа им беа доделени сертификати како и новогодишни пакетчиња. ас/ев/

ФОТО: МИА 

Остани поврзан