• понеделник, 23 декември 2024

Кипар може да згрижи околу 7.000 државјани на трети земји во рамките на планот за репатријација од Блискиот исток

Кипар може да згрижи околу 7.000 државјани на трети земји во рамките на планот за репатријација од Блискиот исток

Никозија, 4 октомври 2024 (МИА) – Во рамките на специјалниот национален план „Естиа“ за прием и репатријација на граѓани од трети земји, во оваа фаза Република Кипар на својата територија може да згрижи околу 7.000 лица, според портпаролот на Министерството за надворешни работи на Кипар Теодорос Гоцис, јави дописничката на МИА од Атина.

Конкретниот план беше активиран во вторникот од Министерскиот тим за управување со кризи на Република Кипар, а Гоцис, говорејќи за кипарската новинска агенција ЦНА, објасни дека „логиката е да се помогне во евакуацијата на граѓаните на ниво на државна соработка“ и истакна дека веќе подолго време биле во состојба на готовност поради ситуацијата во Либан.

-Има голема соработка со различни држави, што во случај работите да доведат до непријатен развој, ќе треба да има целосна имплементација, објасни портпаролот на кипарското МНР.

Во однос на вчерашната успешна евакуација од Бејрут на 38 кипарски државјани заедно со 22 Грци, посочи дека првично биле пријавени околу 105 лица, но бројот се намалил, објаснувајќи дека „многу од луѓето кои се во Либан имаат двојно државјанство и не сакаат да заминат, па затоа бројките се менуваат“.

- Сепак, во соработка со други држави и пресметувајќи го максималното сценарио, проценуваме дека бројот на луѓе кои сакаат да го напуштат Либан е околу 100 илјади, истакна Гоцис. ср/ссм/

Остани поврзан