• понеделник, 09 март 2026

Кипарски новинари за МИА: Нападот врз британската воена база не го смени секојдневието – водиме борба против дезинформациите што создаваат паника

Кипарски новинари за МИА: Нападот врз британската воена база не го смени секојдневието – водиме борба против дезинформациите што создаваат паника

Никозија, 8 март 2026 (МИА)

Сања РИСТОВСКА – Кипар

– За актуелната ситуација во Република Кипар по нападот со беспилотно летало врз британските воени бази во понеделникот, за евентуалната загриженост кај граѓаните, но и за лажните вести и дезинформациите со кои секојдневно се борат и за улогата на новинарите во покривањето на состојбата, за МИА говорат искусните кипарски новинари Зина Константину од телевизијата „Сигма“ и Христофорос Христофи од „Сајпрус тајмс“, кои посочуваат дека она што во моментов го живее земјата е нешто ново и непознато, но сепак, секојдневието на граѓаните е непроменето.

Со Зина и Христофорос се сретнавме во прес-центарот што кипарската Влада го отвори во вторникот во претседателската палата во Никозија и каде што од 9 часот наутро до 21 часот новинарите не само што можат да работат од таму, туку и навремено да ги добиваат информациите и од владиниот портпарол и од министрите со цел брзо и точно информирање на јавноста, нешто што воедно е и еден од главните приоритети на кипарската Влада.

Во изминатиот период, на социјалните мрежи, пред сè на Икс, имаше објави како „Експлозии во британските воени бази“; „Вклучени сирените во земјата“, во денови кога на Кипар ниту имаше експлозии, ниту беа активирани сирените на целата територија, туку само на локално ниво, објави кои се покажаа како невистинити и целосни дезинформации, а кипарските новинари, но и оние од странски медиуми коишто се на островот, секојдневно треба да проверуваат и потврдуваат од неколку извори, дали конкретната информација е точна.

Новинарката од телевизијата „Сигма“ посочува дека улогата на новинарите е важна, но и доста тешка, бидејќи „информациите доаѓаат од секаде“.

- Она што треба да го правиме како новинари е да не шириме паника, да не паѓаме во замки на дезинформации или на намерни и свесни дезинформации што како крајна цел имаат други интереси, па дури и од извори што ни изгледаат како надлежни или од големи странски телевизии или сајтови. Секојдневно, сите новинари од телевизијата сме во контакт со надлежните власти. Се обидуваме да го потврдиме она што можеме да го потврдиме. Ако нема потврда, нема да го објавиме, само за да биде ексклузивно. Ова е правилото на телевизијата кое го следам и јас, вели Константину.

Со идентичен став е и нејзиниот колега од „Сајпрус тајмс“, кој вели дека секоја информација мора детално да се истражи и доколку нема официјална потврда, не се објавува.

- Главно при известувањето е повикување на официјални извори за граѓаните да бидат информирани од надлежните, без да се навлекуваме на натписи, во главно од странските медиуми или од објавите на социјалните мрежи што многупати се манипулативни со објавени видеа, споменувања експлозии, нешто што во последните денови многу кружеше. Ние се држиме до официјалните информации. Секоја информација што циркулира на социјалните мрежи се обидуваме да ја истражиме, да видиме дали можеме да ја потврдиме од повеќе извори. Ако не се потврди, тогаш не ја објавуваме, затоа што постои многу голема одговорност, објаснува Христофи за МИА.

Лажните вести и дезинформациите пласирани на социјалните мрежи ги коментираат и самите Кипрани, во контекст на моменталните случувања во земјата.

- Проблемот не е толку целата ситуација, колку што се дезинформациите што се шират на социјалните мрежи и создаваат паника. На пример, пред некој ден Владата соопшти дека ќе тестира испраќање предупредувачки смс пораки. На социјалните мрежи прочитав дека ќе бидат вклучени сирените и дека постои вистинска закана и опасност, вели млада Кипранка.

Дезинформациите доста често предизвикуваат и домино ефект, со откажувања на летови и аранжмани и сл, а кога ќе се објави демантот или проверената информација, штетата е веќе направена.

По нападот со беспилотно летало врз британските бази во близина Лимасол, во претседателската палата во Никозија беше отворен прес-центар со цел брзо и навремено информирање на новинарите и ја

Како што веќе објави МИА, и кипарската Влада придава големо значење на навременото и правилно информирање на јавност и борбата со лажните вести и дезинформациите особено на социјалните мрежи нешто што неколку пати го повторија и владиниот портпарол и претседателот на Република Кипар Никос Христодулидис, кој во телевизиската порака во средата рече дека „навременото и доверливо информирање на јавноста претставува основен предуслов за одговорно и непречено справување со целокупната ситуација“.

А оваа ситуација во Република Кипар, новинарите Христофи и Константину ја коментираат како нешто ново за нивната земја, но и го посочуваат она што е веќе видливо и во Лимасол, градот во непосредна близина на британските бази и во главниот град Никозија, дека жителите си се враќаат на нивното секојдневие.

- Ситуацијата е тензична, чудна во последните денови. Реално Кипар е многу блиску до срцето на случувањата, но по почетокот на оваа криза и откако поминаа неколку денови од нападот врз британските бази во Акротири, постепено започна процес на враќање во нормала. Веќе се рутина секојдневните сирени и за нас новинарите и треба секојпат да истражиме што се случило и да го информираме народот, вели Христофи за МИА.

Новинарката од „Сигма“ потсетува и на турската инвазија во Кипар пред над 50 години и нагласува дека иако постои мала загриженост кај граѓаните, сепак тоа не им го менува нивното секојдневие.

- Ситуација во изминатите денови е доста непозната за жителите, иако многумина ја имаат доживеано инвазијата во 1974 година. Некако е создадена една дополнителна загриженост кај жителите, бидејќи толку време знаевме дека непријател е окупаторот кој го имаме од другата страна, Турција. Во овој момент сме соочени со нова закана, мислам дека никој не беше прилагоден на овие услови. Она што се случува со Газа и Израел е веднаш до нас и трае веќе подолго време и некако како да стана нормално што се случува во наша непосредна близина и дека не нѐ засега и дека веќе е дел и од нашето секојдневие. Постои мала загриженост од граѓаните, но не до степен што ќе ги лиши од нормалниот живот од нивното секојдневие, објаснува Константину. ср/дј

Фото: МИА

Остани поврзан