Кина минатата година доби нови 182 милијардера, а САД 59
- Кина минатата година доби трипати повеќе нови милијардери од САД, кои своето богатство го заработиле во фармацевтскиот и секторот за интернет забава, покажува денеска објавената ранг листа на
Пекинг, 26 февруари 2020 (МИА) - Кина минатата година доби трипати повеќе нови милијардери од САД, кои своето богатство го заработиле во фармацевтскиот и секторот за интернет забава, покажува денеска објавената ранг листа на најбогати луѓе во светот на кинеското списание „Хурун Рипорт“.
Во регионот на Голема Кина, кој ги вклучува Хонгконг и Тајван, бројот на нови милијардери за една година, заклучно со 31 јануари 2020 година, се зголемил за 182 на вкупно 799 лица, во однос на новите 59 богаташи во САД, покажуваат податоците на кинеското списание.
Иако избивањето на епидемијата на коронавирусот во Кина тешко ја погоди втората најголема светска економија, тоа, исто така, го поттикна растот на акциите на кинеските компании кои се занимаваат со образовна дејност преку интернет, онлајн игри и со вакцини, се наведува во извештајот.
Имајќи предвид дека голем дел од кинеските граѓани по избивањето на епидемијата останаа во своите домови поради карантин и ограничување на патувањата, побарувачката за интернет услугите се зголеми, што резултирало со раст на заработувачката на давателите на онлајн услуги, а значајно профитирале и претприемачите во областа на здравството, специјализирани за вакцинација.
- Кина денес има повеќе милијардери од САД и Индија заедно, истакна Руперт Хугеверф, основач и претседател на „Хурун Рипорт“, според чија проценка САД имаат 629, а Индија 137 милијардери.
Во текот на 12 месеца, до крајот на јануари 2020 година, акциите на технолошките компании во Кина забележале раст за 77 отсто, а кинеските фармацевтски компании за 37 проценти, надминувајќи го вкупниот 16-процентен глобален раст на цените на акциите.
Сепак на врвот на ранг листата на најбогатите луѓе во светот и понатаму се наоѓаат американски бизнисмени, а првото место веќе трета година по ред му припаѓа на основачот на Амазон, Џеф Безос, со богатство од 140 милијарди долари.
Меѓу кинеските милијардери најбогат е Џек Ма, основач и некогашен претседател на Алибаба, со имот вреден 45 милијарди долари, кој се наоѓа на 21. место.
Зад технолошките компании, како главен извор на генерирање богатство, следуваат фирми од секторот на недвижности, производство, финансии и малопродажба.
И покрај американско-кинеската трговска војна, Рен Џенгфеи, основач на телекомуникацискиот гигант Хуавеј, со седиште во Шенжен, кој се наоѓа на црната листа на американската Влада, го зголеми личното богатство за седум проценти на три милијарди долари, што е речиси на ниво на богатството на американскиот претседател Доналд Трамп.
Пекинг петта година по ред е светска престолнина на богаташи, со вкупно 110 милијардери, наспроти 98 колку што ги има во Њујорк, а на трето место се наоѓа Шангај. гт/