• понеделник, 23 декември 2024

Кина забрани влез на двајца австралиски научници

Кина забрани влез на двајца австралиски научници
Пекинг/Сиднеј, 24 септември 2020 (МИА) - Кина забрани влез на Клајв Хамилтон и Алекс Џоски, двајцата австралиски научници кои, како што објави денеска кинескиот весник „Глобал тајмс“, се противници на Кина. Министерството за надворешни работи на Кина не ја потврди забраната за влез, но наведе дека земјата има право да забрани влез на кој било странски државјанин и ја обвини Австралија за напнатост во меѓусебните односи. - Ние силно се спротивставуваме на какви било акти што намерно ја напаѓаат Кина, ја загрозуваат националната безбедност на Кина или шират дезинформации под изговор за студии и други академски активности, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Ванг Венбин. Џоски, аналитичар во Австралискиот институт за стратешка политика, на својот профил на Твитер напиша дека забраната е последна во низата обиди на кинеската Комунистичка партија да ги казни оние кои ги „осветлуваат нејзините активности“. Тој смета дека ризикот за патување во Кина е преголем. „Оваа забрана е сосема неочекувана, иако веќе неколку години бев на непријателската листа на Пекинг, рече Хамилтон, професор по јавна етика на универзитетот „Чарлс Старт“ во Австралија. паг/  

Остани поврзан