Кина го претстави извештајот за потеклото на Ковид-19
- Кинески претставници вчера ги информираа дипломатите за резултатите од истражувањето на потеклото на Ковид-19, пред долго очекуваниот извештај на Светска здравствена организација (СЗО)
Пекинг, 27 март 2021 (МИА) - Кинески претставници вчера ги информираа дипломатите за резултатите од истражувањето на потеклото на Ковид-19, пред долго очекуваниот извештај на Светска здравствена организација (СЗО).
Заменик-директорот на кинескиот Центар за контрола и превенција на болести Фенг Зијан изјави дека експертите исптитале четири можни сценарија како вирусот пристигнал во Вухан. Било испитувано дали лилјак го заразил човекот или од цицач вирусот преминал на човекот, дали Ковид-19 е пренесен преку замрзната храна или дали настанал во лабораторија во Вухан.
Според Фенг, експертите по детално испитување заклучиле дека најверојатниот начин на пренос на вирусот е преку животно или евентуално преку замрзната храна, а најмалку веројатно е дека вирусот потекнува од лабораторија.
Експерти од СЗО во јануари и февруари заедно со кинеските колеги го испитуваа потеклото на Ковид-19 во Вухан. Објавувањето на извештајот со нивните сознанија повеќе пати е одложуван. Експертот на СЗО, Петер Бен Ембарек, кој го предводеше меѓународниот тим експерти во Кина, изјави дека извештајот од речиси 400 страници е завршен и оти се проверуваат фактите и се преведува текстот.
- Очекувам во следните неколку дена целиот процес да биде завршен и да можеме да го објавиме, посочи Ембарек.
На брифингот во кинеското Министерство за надворешни работи присуствувале дипломати од 50 држави, како и претставници на Лигата на арапски држави и на Африканска Унија.
- Kина жестоко се спротивстaвува на обидите на поединечни држави да го политизира прашањето за потеклото на вирусот и на неоснованите обвинувања на Кина, се наведува во соопштението на кинеското МНР. ми/