• вторник, 05 ноември 2024

Ким за Топ чанел: Не можеме да пиеме кафе со лице прогласено за персона нон грата

Ким за Топ чанел: Не можеме да пиеме кафе со лице прогласено за персона нон грата
Тирана, 10 ноември 2021(МИА) - Откако поранешниот албански премиер и претседател и историски лидер на Демократската партија (ПД), Сали Бериша ги предаде потписите за состанок на Националното собранието на партијата, американската амбасадорка Јуриј Ким за Топ чанел изјави дека „САД нема да се занимаваат со никого кој е прогласен за персона нон грата од американскиот државен секретар“. Таа одговара и за тоа какви би биле нејзините односи со ПД доколку лидерската функција би ја презел Бериша. - Нема да се занимаваме со никој што е прогласен за персона нон грата од државниот секретар. Ова е светска политика и нема никаква врска со поединци, но општата политика е дека не можеме да замислиме сценарио каде јас или некој од моите наследници ќе тврдиме дека се оди добро и ќе одиме на кафе со некој што од државниот секретар е прогласен за голема корупција. Тоа нема да се случи, изјави Ким. Таа додаде дека САД го признаваат лицето кое е редовно избрано за претседател на таа партија. - Ќе продолжам да одам на средба со господинот Баша во својство на претседател на партијата. Како што можете да видите, пратениците и другите посетители од Вашингтон ќе го сторат истото. Ние ги гледаме фактите и не гледаме ничија политичка партија. Знам дека има некои теории на заговор како да ова е насочено кон една или друга страна. Би сакала да истакнам дека до денес има четири лица кои од државниот секретар се прогласени за персона нон грата, верувам од 2018 година. Повеќето од нив не се во Демократската партија, така што партијата нема врска со ова. Ги гледаме фактите, сето тоа обично поминува низ повеќегодишен процес, каде што ги разгледуваме сите информации. Оние кои ги донесуваат одлуките поставуваат повеќе прашања и во моментот кога одлуката ќе стигне до бирото на државниот секретар, без разлика за кого станува збор, ние сме 100 проценти сигурни, посочи Ким. На прашањето дали ќе има и други албански државјани кои ќе бидат прогласени за персона нон грата, таа истакна „тоа е многу затворен процес, толку многу доверлив и немам никакви информации што можам да ги споделам со вас во моментов“. Бериша денеска до партијата достави 4.200 потписи (потребни според статутот се 1.500) за одржување Национално собрание за избор на нов партиски лидер, за што веќе ја соопшти својата кандидатура. Тој од лидерската функција си поднесе оставка во 2013 година по поразот на парламентарните избори и на негово место дојде Љуљзим Баша. вт/ми/  

Остани поврзан