• петок, 22 ноември 2024

Киев на Конференцијата во Лондон доби уште 60 милијарди евра помош за обнова на Украина

Киев на Конференцијата во Лондон доби уште 60 милијарди евра помош за обнова на Украина

Лондон, 22 јуни 2023 (МИА) – Украина доби нова финансиска поддршка од вкупно 60 милијарди евра за обнова на својата економија, изјави денеска британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли на крајот од Меѓународната конференција посветена на обнова на земјата што се одржа во Лондон.

- Немавме намера оваа конференција да биде форум за финансиски придонеси, но и покрај тоа, денеска беа ветени вкупно 60 милијарди евра за поддршка на Украина од владите и меѓународните организации на краток и среден рок, истакна Клеверли.

Главниот дел од сумата е од пакетот помош во износ од 50 милијарди евра, кој Европска Унија планира да го додели до 2027 година и го објави во пресрет на Конференцијата.

САД најавија помош во вредност од 1,3 милијарди долари наменета главно за енергетскиот сектор и инфраструктурата на Украина.

- Оваа година почнуваме да ја обновуваме Украина, нема да го чекаме крајот на војната, изјави украинскиот премиер Денис Шмигал, заблагодарувајќи им се на сојузниците на Киев за финансиската поддршка.

Среднорочната обнова на украинската економија се проценува на повеќе од 400 милијарди долари во оваа фаза од конфликтот.

Шмигал, исто така, ја поздрави посветеноста на „речиси сите учесници“ да ја поддржат идејата дека Русија треба „да плати за своите злосторства и уништување во Украина“.

- Треба да го финализираме механизмот за компензација што ќе ни овозможи да ги користиме замрзнатите руски средства за обнова на Украина, истакна Шмигал.

Целта на конференцијата во Лондон беше да се мобилизираат средствата неопходни за обнова на Украина на краток и среден рок, но и да се покани приватниот сектор да придонесе, создавајќи механизми за гарантирање на неговите инвестиции во земјата.

Клеверли истакна дека речиси 500 компании од 42 земји ветија дека ќе учествуваат во обновата на Украина. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан