• понеделник, 23 декември 2024

Каевски: Бројни се нереализираните ветувања на градоначалникот на Кисела Вода Ѓорѓиевски пред граѓаните

Каевски: Бројни се нереализираните ветувања на градоначалникот на Кисела Вода Ѓорѓиевски пред граѓаните

Скопје, 5 ноември 2023 (МИА) - Портпаролот на СДСМ и пратеник Дарко Каевски на денешната прес-конференција обвини дека градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски не ги остварил ветените роекти во изборната програма.

- Во Кисела Вода, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во изборната програма ветуваше нова поликлиника, нова противпожарна станица и ново основно училиште. Поминаа две години, изборните ветувања Ѓорѓиевски не ги исполни. Во Кисела Вода нема нова поликлиника, нема противпожарна станица, а нема ниту ново основно училиште. Ѓорѓиевски не го исполни ниту ветувањето пред граѓаните за гасификација на училиштата. Нема нов спортски центар со базен, а салата Расадник се распаѓа комплетно. Бројни се нереализираните ветувања на Орце Ѓорѓиевски пред граѓаните. Нема ниту нов стационар за кучиња. Нема нови монтажни паркинзи. Нема ниту нови мерни станици, рече Каевски. 

Како што нагласи, единствените проекти за кои се слика градоначалникот Ѓорѓиевски се од централната власт на СДСМ.

-Со еден збор, ДПМНЕ и Ѓорѓиевски во Кисела Вода за две години имаат нула резултати, но затоа Орце Ѓорѓиевски можеме да го видиме на слики со скап часовник. Луксузирањето на кадрите на Мицкоски го покажува нивното вистинско лице. Не се грижи ДПМНЕ за граѓаните, ниту што им ветиле, ниту на што се обврзале. Тие се грижат само за себе. Градоначалниците на ДПМНЕ ги разочараа граѓаните, рече Каевски.фф/ев/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан