• среда, 27 ноември 2024

Кацарска: Сметам дека Упатството за водење на матична евиденција е спротивно на Уставот

Кацарска: Сметам дека Упатството за водење на матична евиденција е спротивно на Уставот

Скопје, 28 јуни 2023 (МИА) - Сметам дека Упатството за водење на матична евиденција е спротивно на Уставот, има одредби кои го кршат Уставот, рече претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска на денешниот брифинг со новинарите.

Во врска со оформувањето на предмет по сопствена иницијатива, во кој ќе се води постапка за оценување на уставноста на „Упатството за изменување и дополнување на упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи, издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги, водење постапка и составување на записник за најдено дете, обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матичните книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги”, Кацарска информираше дека предметот е поделен кај судија известител.

- Предметот е поделен кај судија известител и е определен советник кој ќе работи по предметот, изјави Кацарска, со надеж дека истиот за брзо ќе биде ставен на седница.

На прашањето дали предмет на иницијативата ќе биде само подзаконскиот акт или и делот од Законот за матична евиденција, таа рече дека не знае каква одлука ќе биде донесена и нагласи дека оформен е предмет само за упатството.

- Дали во текот на постапката ќе се осврнеме и на законот или во меѓувреме ќе има иницијатива, или евентуално ние ќе оформиме предмет и за законот, тоа е нешто за кое можеме да разговараме после тоа. Во оваа фаза е оформен предмет за упатството, што понатаму, ќе видиме, рече таа.

Во текот на вчерашниот ден од политичката партија Левица известија дека подготвиле Иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на измените на Упатството за водење на матична евиденција донесено од страна на Министерот за правда, на 29 мај 2023 година, со кое се воведува нова графа „националност“ во изводот од матична книга на родените, венчани и умрени. Спротивно на тоа, од Уставен суд на денешниот брифинг изјавија дека досега не пристигнала ниту една иницијатива од било која партија во врска со иницијативата.

Кацарска информираше дека моментално се работи на предметите за Коридорот 8 и 10Д и предметот за превозот на средношколците. снс/ар/

Фото: МИА

 

Остани поврзан