Касами најави фокус на повеќе капитални проекти за 2024 во Тетово
- Фокусот на Општина Тетово во 2024 година ќе биде на повеќе инфраструктурни капитални проекти како што се изградба на пречистителна станица за отпадни води со канализациска мрежа, реконструкција на стадионот, пробивање на неколку булевари, урбанистички план за Попова Шапка.
Тетово, 29 декември 2023 (МИА) - Фокусот на Општина Тетово во 2024 година ќе биде на повеќе инфраструктурни капитални проекти како што се изградба на пречистителна станица за отпадни води со канализациска мрежа, реконструкција на стадионот, пробивање на неколку булевари, урбанистички план за Попова Шапка. Ова денеска го најави градоначалникот на Биљал Касами, на последната средба за 2023 година и брифинг со новинарите.
- За стадионот, на 13 јануари 2024 година ќе се отворат понудите и потоа ќе продолжиме со изборот на оператор, кој избор се очекува да се направи на почетокот на февруари. Да не го заборавиме и пробивањето на булеварот „Благоја Тоска“, кој е голем и значаен проект за непречено одвивање на сообраќајот во градот. Во наредната година имаме намера да ја продлабочиме оваа посебна врска и да ја направиме нашата општина место каде што ќе се брои секој глас, секоја мисла и секој придонес. Нашите инвестициски предлози во различни сфери се дел од јасната визија за поразвиена и поинклузивна заедница, истакна Биљал Касами.
За изминатата 2023 година, Касами рече дека општина вложиле во многу сфери од општественото живеење.
- Вклучувајќи патна инфраструктура, канализација, јавно осветлување, сето тоа во вредност од 5 милиони евра. Најдовме и решение за проблемот со управувањето со отпадот во нашиот град, со потпишување договори за ЈПП со докажана компанија во оваа област, што наскоро ќе го направи Тетово град сличен на европските. Во градот Тетово има 24 улици (вклучувајќи ги и канализациските мрежи) кои се завршени во годината што ја оставаме зад нас, со што сите маала и населени места се поврзуваат со нови патишта со современа инфраструктура. Отворивме булевари, нови улици, реконструиравме споредни улици кои останаа во заборав, инвестиравме и во околните села, во училиштата, рече Касами.
Градоначалникот потсети на намалување на наследените долгови. ас/ир
Фото: Општина Тетово