• сабота, 24 август 2024

„Карпошово културно лето 2021“ од 26 до 28 август

„Карпошово културно лето 2021“ од 26 до 28 август
Скопје,7 август 2021 (МИА) - На платото кај „Млечен“ и на плоштадот „Делфина“ од 26 до 28 август ќе се одржи традиционалната културна манифестација на општина Карпош, „Карпошово културно лето 2021“. Како што соопшти денеска Одделението за односи со јавноста на Општина Карпош, и оваа година, програмата е прилагодена за сите генерации и тридневниот настан ќе биде исполнет со перформанси за децата, младите и повозрасните. Првиот ден од „Карпошово културно лето 2021“ на 26 авгус на „Делфина“ во Влае 2 ќе започне со настап на хорот на Детскиот фестивал „Поточиња“ од 19:00 часот, а во детскиот дел ќе има и маскоти за анимирање на најмладите. Во 20:00 часот присутните ќе имаат можност да уживаат во перформансот на Ди-Џеј Мартинм, а првиот ден ќе го затворат популарното дуо Александар Митевски и Драган Спасов – Дац, кои од 20:45 часот ќе пејат свои авторски песни, како и хитови за сите генерации. Вториот ден од „Карпошово културно лето 2021“ на 27 август на платото кај „Млечен“ во УЗ „Владо Тасевски“, oд 19:30 часот ќе започне со детска музика и популарни детски маскоти, а од 20:15 часот вечерта ќе продолжи со перформанс на Ди-Џеј Баже. Во вечерниот дел, од 21:00 часот, карпошани и граѓаните на Скопје ќе имаат можност да уживаат во концертот на нашата најголема музичка ѕвезда, Каролина Гочева. Ова ќе биде нејзин прв концерт на отворено, по пауза од две години. Таа, со својот бенд, во живо ќе изведе повеќе песни од албумите „Македонско девојче 1 и 2“, „Извор“, а ќе отпее и дел од поп-хитовите. Последниот, трети ден од „Карпошово културно лето 2021“ на 28 август, на платото кај „Млечен“ од 19:30 часот ќе настапи македонскиот јутјубер Стефан Лазаров, а ќе има и детски маскоти за анимирање на најмладите. Во 20:15 часот, перформанс ќе има Ди-Џеј Баже, а Културното лето ќе го затвори Тамара Тодевска, која од 21:00 часот ќе одржи целовечерен концерт. По нејзините успешни концерти во Античкиот театар во Охрид и Хераклеа во Битола, карпошани и скопјани ќе можат да ја слушнат во живо и во срцето на главниот град. Ова е трета година како општина Карпош ангажира исклучиво изведувачи од домашната културна сцена, со цел нивна поддршка и поголема афирмација. За „Карпошово културно лето 2021“ се одвоени 1.750.000 денари, средства од Буџетот на локалната самоуправа. - За организацијата на тридневниот настан, Општината доби согласност од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство и истиот ќе се организира по протоколите за реализација на јавни настани на отворено. Ги повикуваме граѓаните да дојдат и да уживаат во вечерите, кои ќе бидат исполнети со квалитетна музика и програма за сите возрасти, се додава во соопштението на Одделението за односи со јавноста на Општина Карпош. сп/

Остани поврзан