• недела, 22 декември 2024

Карбинци доби 49 специјални контејнери за отпад

Карбинци доби 49 специјални контејнери за отпад

Штип, 4 јули 2021 (МИА) - Почна дистрибуцијата на специјалните контејнери за отпад во општините од источниот и североисточниот регион, кои се дел од проектот за изградба на првиот современ систем за управување со отпад, во близина на светниколското село Мечкуевци.

Градоначалникот на Општина Карбинци, Јордан Насев изјави дека во неговата општина, односно на комуналното претпријатие „Плачковица“ се доделени 49 контејнери.

-Општините Карбинци и Делчево се во првата група од источниот регион, од вкупно 11 кои ги добија овие контејнери. Со ова очекуваме во 20 населени места во нашата општина да бидат распределени на одредени локации, вели Насев.

Посочи дека на 1.500 домаќинства ќе им бидат поделени и садови за отпад, а пред извесно време општината преку овој проект има добиено и камион за отпад.

-Со ова возило ќе ги опслужуваме сите овие 49 нови контејнери во 20-те населени места, рече Насев.

Извесно е дека изградбата на првата фабрика за отпад во земјава ќе доцни поради пандемијата. Проектната документација за изградба на депонијата од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање е испратена во Брисел, од каде што се очекува и да се рапише меѓународниот тендер за изградба на фабриката.

Во проектот учествуваат 18 општини од источниот и североисточниот регион и Свети Николе, од Вардаскиот регион. Формирано е и јавното претпријатие, со седиште во Свети Николе, кое ќе раководи со фабриката за отпад. Деновиве се очекува од страна на комисијата да биде избран и директор кој ќе раководи со ЈП „Еко исток-североисток“.

Проектот стартуваше пред 12 години од страна на општините од источниот регион со целосна поддршка и помош од ЕУ. Се очекува проектот да финализира со инвестиција од 46 милиони евра, средства обезбедени од фондовите на ЕУ. вдј/мд/

Остани поврзан